Општина Тетово во соработка со агенцијата УНОПС на Обединетите нации засади 146 садници бела бреза во близина на реката Пена кај тетовската болница. Ова е само почеток на нивната соработка, која предвидува да се засадат уште 954 дрвја во градот, но и да се работи на интервенции во системите за затоплување и следење на загаденоста на воздухот.
„Проектот вклучува широк спектар активности кои ќе ги трансформираат нашата животна средина и начинот на кој се однесуваме кон неа. Промената во системите за греење ќе придонесе за намалување на штетните емисии, а воведувањето нови уреди ќе помогне да се подобри мониторингот на загадувачите кои досега беа надвор од нашето внимание. Садењето на овие дрвја ќе донесе видлива промена во нашиот урбан пејзаж“, изјави градоначалникот на Тетово, Билал Касами.
Европската Унија со 10 милиони евра го финансира тригодишниот проект „ЕУ за чист воздух“, кој ќе се спроведува во Тетово, Скопје и Куманово како градови со најзагаден воздух.
„Оваа иницијатива за садење дрвја во Тетово е витален чекор кон подобрување на квалитетот на воздухот и создавање поздрави услови за живот на заедницата. Оваа активност е во согласност со целта на Европскиот зелен договор за градење одржлива, зелена иднина“, истакна Штефен Худолин, претставник на делегацијата на ЕУ.
Проектот го спроведува канцеларијата на Обединетите нации за проекти (УНОПС) во соработка со Министерството за животна средина.
„Со ова партнерство помеѓу УНОПС, ЕУ и Општина Тетово, оваа есен ќе се засадат 1.000 дрвја и ќе се инсталираат поеколошки извори на енергија за сите системи за греење во Клиничката болница во Тетово, со што ќе се придонесе за намалување на штетните емисии на ПМ10 и ПМ2,5 честичките за 98%. Исто така, станицата за мониторинг на квалитетот на воздухот во Тетово ќе се надгради со нова опрема за мерење“, изјави Микела Телатини, претставничка на УНОПС во Македонија.
З. АНДОНОВ