ЗАСЛУЖУВАМЕ ЧИСТ ВОЗДУХ И ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ СО БЛОКАДИТЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦА

    ЗАСЛУЖУВАМЕ ЧИСТ ВОЗДУХ И ЌЕ ПРОДОЛЖИМЕ СО БЛОКАДИТЕ, РЕКОА НА ПРОТЕСТОТ ВО СТРУМИЦАБлокадата е за да се потсетат надлежните институции на барањата што им биле доставени пред помалку од еден месец, а одговор нема ни од Општината ни од Владата. (Фото: СДК:МК)

    Еко-активистите за чист воздух од Струмица денеска го блокираа кружниот тек кај Поштата, со што беше прекинат сообраќајот на делницата што ги поврзува трите клучни булевари во центарот на градот. Организаторите велат дека блокадата е за да се потсетат надлежните институции на барањата што им биле доставени пред помалку од еден месец, а кои се однесуваат на решавање на проблемот со аерозагадувањето во Струмица.

    Барањата биле упатени и до локалната власт во Општина Струмица и до Владата, но, според активистите, досега нема конкретна реакција.

    „Нашиот револт е против загадувачите и оние кои не постапуваат. Мислиме дека со постојан притисок ќе има реални промени. Нашите барања се да престане загадувањето, а надлежните да постапуваат и да казнуваат, ако треба и со затворање на физички и правни лица. Втората работа е да ги запознаеме граѓаните со последиците од вдишување канцероген воздух, а третата е да ги слушнеме нивните предлози како да дејствуваме во иднина“, изјави Стојан Велков од здружението „Здрава Котлина“.

    Блокадата беше со паркирани возила и транспаренти. Еко-активистите бараат поставување шест нови мерни станици, набавка на специјализирани дронови за мерење на аерозагадувањето, вработување пет инспектори за животна средина, ревизија на издадените А и Б дозволи и елаборати за животна средина, поставување камери на дивите депонии, зголемување на буџетот за животна средина и поголема отчетност на инспекторите.

    „Нема да отстапиме од овие барања оти заслужуваме чист воздух. Постојано ќе излегуваме на протести и блокади, оти само така ќе можеме да ги разбудиме заспаните институции“, изјавија дел од граѓаните кои учествуваа во блокадата.

    Од Општина Струмица неодамна соопштија дека во изминатиот период поради согорување отпад на отворено биле казнети околу десет лица, на кои им биле изречени глоби од 50 и 250 евра, согласно одлуката за комунален ред. Во рамки на координирана акција, како што велат од Општината, биле одземени и околу 30 килограми бакар добиен од горење отпад.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира