ЗАТВОРЕН СТАЦИОНАРОТ ЗА КУЧИЊА „ВАРДАРИШТЕ“ ПОРАДИ ШИРЕЊЕ ЗАРАЗИ, БОЛНИ КУЧИЊА СМЕСТУВАЛЕ СО ЗДРАВИ

    ЗАТВОРЕН СТАЦИОНАРОТ ЗА КУЧИЊА „ВАРДАРИШТЕ“ ПОРАДИ ШИРЕЊЕ ЗАРАЗИ, БОЛНИ КУЧИЊА СМЕСТУВАЛЕ СО ЗДРАВИНа сила е забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек-Стационарот „Вардариште“. (Фото: Комунална хигиена)

    Стационарот за бездомни животни „Вардариште“ е затворен поради појава на заразни болести и пропусти во работењето. Агенцијата за храна и ветеринарство по извршената контрола на 19 март изрече мерка за забрана за работа до отстранување на пропустите и дезинфекција на стационарот.

    „На сила е забрана за заловување на бездомни кучиња во рок од 30 дена. Во овој временски период ќе се заловуваат и во стационарот ќе се прифаќаат само кучињата кои каснале човек, односно само по поднесена претставка до Агенцијата. Официјалните ветеринари, наредија и спроведување на мерки за темелна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во стационарот во рок од 5 дена пред негово повторно отворање“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

    При контролата на стационарот во дворот биле затекнати кучиња излезени од кафезите и животни кои во стационарот влегле однадвор преку оштетената ограда. Со контролата утврдено било и дека не е воспотавена ниту целосна контрола на влезот и излезот во прифатилиштето, а дел од кафезите не ги исполнувале условите за благосостојба и хигиена, односно не биле соодветни за сместување на заловените кучиња. Спротивно на законот,  во стационарот е утврдено присуство на кучиња без мајка, односно животни со несоодветна возраст помали од 6 месеци.

    Кај дел од заловените животни констатирано е нарушено здравје и присуство на болести. Спротивно на законските одредби, со контролата е утврдено дека тие во прифатилиштето се сместени во исти простории со здравите животни, бидејќи не постои посебна просторија – карантин наменета за лечење на болните и за опоравување на животните кај кои се извршени хируршки интервенции. Не работела и комората за одлагање на угинатите животни, а пред ламелите на кафезите не биле поставени листите за хигиена со информации за тоа кога е извршено чистење и со кои средства се спроведени мерките за дезинфекија, дератизација и дезинсекција.

    „При контролата наложени се мерки за отстранување на утврдените недоследности и животните кои се заловуваат задолжително да бидат обележани со микрочип или со други видливи средства за идентификација. Заловените животни треба да бидат вратени на местото каде се заловени најдоцна во рок од 30 дена. На ова прифатилиште изречена му е и мерка забрана за  сместување на кучиња помали од 6 месеци без мајки. На 2 април беше извршен нов инспекциски надзор при што е констатирано дека е постапено по наложените корективни мерки. Извршена е делумна санација на оградата, воведена е контрола за влез и излез во стационарот, ставена е во функција  комората за одлагање на лешевите и воспоставен е карантин за одвојување на болните од здравите животни. Потврдено е водењето  на соодветна евиденција за секое заловено куче, а преземни се и наложените мерки за спроведување на дезинфекција, дезинсекција и дератизација на просториите“, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

    На 28 февруари Советот на Град Скопје по предлог на градоначалникот Петре Шилегов донесе одлука за формирање на јавно претпријатие „Лајка“ кое наместо „Комунална хигиена“ ќе управува со стационарот. Шилегов тогаш кажа дека претпријатието ќе се формира бидејќи ниту тој, ниту граѓаните и здруженијата за заштита на животните, не биле задоволни од досегашниот третман на бездомните животни.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира