ЗАТВОРОТ „ЦРН МОСТ“ ВО БИТОЛА ЦЕЛОСНО РЕНОВИРАН СО ПАРИ ОД ЕУ

    ЗАТВОРОТ „ЦРН МОСТ“ ВО БИТОЛА ЦЕЛОСНО РЕНОВИРАН СО ПАРИ ОД ЕУРеконструкцијата чинеше околу еден милион евра, од кои 750.000 евра се обезбедени од европските фондови, а остатокот се средства на државата. (Фото: СДК.МК)

    Комплетно е реконструиран затворот „Црн мост“ во Битола, со што прераснува во современа казнено-поправна установа. Реконструкцијата чинеше околу еден милион евра, од кои  750. 000 евра се обезбедени од европските фондови, а остатокот се средства на државата.

    Со обновата беше опфатен простор од 1.420 метри квадратни, со капацитет за 82 лица и приемна просторија за четири лица. Реновирани се затворскиот дел, притворскиот, полуотвореното и затвореното одделение, административниот дел, шеталиштето, електричните инсталации, напојувањето, осветлувањето телекомуникациската опрема, видеонадзорот, греењето и ладењето на сите простории. Ги нема веќе старите тоалети и спални, како и другите простории со изронет малтер.

    „26 години сум во затворскиот систем и терминот катастрофа одговараше посебно за притворскиот дел во овој затвор, зашто беше деградирачки со нечовечки услови. Но, сега затворот има сосема поинаков лик. Со реконструкцијата на затворот во Битола се овозможи подобрување на условите за престој на притворените и осудените лица во оваа установа со имплементирање на сите меѓународни стандарди за работата на затворската управа”, рече Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување санкции.

    По реновирањето, затворениците кои во изминатиот период беа пренесени во други затвори ќе се вратат назад.

    Шефот на одделението за економски работи при делегацијата на Европската унија Фрек Јанмат рече дека во земјава се’ уште има казнено-поправни установи кои не ги задоволуваат потребните стандарди, а има и недоволно обучен кадар, но се работи на промена на тие полиња.

    „Штом земјата ги започне преговорите со Европската унија, што ќе биде многу скоро, и овие услови ќе се подобрат. ЕУ веќе долго време инвестира во затворскиот систем на вашата држава и се надеваме на засилени активности со почнувањето на преговорите. Се’ уште треба да донесеме многу нови промени за подобрување на условите на затворениците и за луѓето кои работат во затворите“, рече Јанмат.

    Освен во Битола, се работи и на подобрување на условите во воспитно- поправниот дом во Волковија, Тетово, а ќе се отвори и полуотворено одделение во Идризово. Планирано е зголемување на капацитетите на новото притворско одделение во Идризово, а за оваа намена од ЕУ фондовите ќе бидат обезбедени три милиони евра.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира