ЗДРУЖЕНИЕТО „ГЛИКОЗА“ ПОБАРА ОД ОПШТИНА СТРУМИЦА ДА ОБЕЗБЕДИ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА ОРТОПЕДСКИ ПОМАГАЛА ЗА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ

    ЗДРУЖЕНИЕТО „ГЛИКОЗА“ ПОБАРА ОД ОПШТИНА СТРУМИЦА ДА ОБЕЗБЕДИ БУЏЕТСКИ СРЕДСТВА ЗА ОРТОПЕДСКИ ПОМАГАЛА ЗА ДИЈАБЕТИЧАРИТЕПо повод Светскиот ден на дијабетесот, во Струмица денеска им се мереше шеќер во крвта на граѓаните (Фото: СДК.МК)

    Здружението „Гликоза“ од Струмица најави дека ќе изработи регистар на дијабетичари, со нивната старосна структура и каков вид терапија примаат. Како што кажа Владо Златковски, претседателот на здружението, во овој регион нема соодветна база на податоци која би била во функција на поголема грижа за оваа категорија граѓани, но и за помош и поддршка при набавка на ортопедски помагала.

    „Најважно е да се едуцира населението за болеста. Располагаме со информација дека најмалку 100 деца се инсулински зависни од тип 1 и имаат одредени потреби за лекување. Но, за жал, немаме соодветен регистар на локално ниво. Треба да направиме база која ќе биде во склоп на националната, за да може државата да има увид колку лица имаат дијабетес и каков тип и на кој начин да се интервенира“, кажа Златковски.

    Тие од новиот градоначалник на Струмица, Костадин Костадинов, побараа при креирањето на буџетот за идната година да се планираат средства за помош и поддршка на дијабетичарите.

    „Во тек е креирањето на буџетот, се надевам дека ќе успееме да испланираме средства за таа намена. Како што кажаа членовите на ‘Гликоза‘, станува збор за специјализирани обувки кои можат да третираат и да спречат ‘дијабетски стапала‘ кај децата и позорасните“, кажа Костадинов.

    Здружението „Гликоза“ го почна одбележувањето на Светскиот ден на дијабетесот 14 ноември со едукативното предавање за болеста „дијабетско стапало“, кое може да предизвика сериозни проблеми кај пациентите. Во Струмица има околу 6.000 дијабетичари.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира