ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ГО ОЦЕНИЈА СО „ДВОЈКА“ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ

    ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ГО ОЦЕНИЈА СО „ДВОЈКА“ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ЗЕМЈОДЕЛИЕ„Селаните и земјоделците немаат своја партија, ниту еден претставник во Парламентот и општинските совети. Сè додека е така ќе бидеме на маргините во ова општество“, вели Петар Диклиќ (десно), земјоделец од селото Војник. (Фото: СДК.МК)

    Над 60 проценти од земјоделците во државата му дале „единица“ и „двојка“ на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), затоа што не се задоволни од неговата работа. Незадоволство особено било изразено кон нефункционалноста на работните тела кои што треба да го обезбедат учеството на земјоделците во креирањето и спроведувањето политики во оваа област.

    „Земјоделците не се задоволни и му даваат ’двојка‘ на Министерството затоа што во периодот од 2013 до 2016 година вратите за земјоделците беа речиси целосно затворени и вработените немаат слух за нивните проблеми, не ги прифаќаат нивните предлози и ги надгласуваат. Тоа најчесто се случува за оние коишто се најгорливи проблеми и предизвици со кои земјоделците секојдневно се соочуваат, а тоа е набавката на репроматеријали, семенски материјали, исплата на субвенциите, откупна цена. Токму затоа ова истражување го направивме и го анализиравме работењето на работните тела, кои овозможуваат вклучување на земјоделците во нивната работа, таму каде најмногу можат да го искажат своето мислење и да го бранат нивниот интерес“, изјави Лилјана Јоноски, извршен директор на Рурална коалиција Куманово.

    Истражувањето на Рурална коалиција било реализирано во октомври и ноември годинава, во кое биле опфатени 400 земјоделци од сите региони во државата. Резултатите покажале дека 45 проценти од испитаниците, на скалата од 1 до 5, работата на МЗШВ ја оцениле со „двојка“, додека 21 процент со „единица“. Само 16 проценти имале информација како можат да се вклучат во работата на Министерството, а ниски 5 проценти од земјоделците се изјасниле дека се дел од некое работно тело или комисија на надлежното министерство.

    Земјоделците велат дека еден од главните проблеми поради кои Министерството за земјоделство не сака да се занимава со нивните проблеми е тоа што тие не се добро организирани и не можат да извршат притисок за да го добијат местото кое им припаѓа во државата.

    „Нашите здруженија и синдикати се подредени на политичките партии и поединци преку тоа си ги остваруваат личните интереси. Тие не ги застапуваат нашите интереси, бидејќи со спротивно некогаш ќе не изведеа на улици со трактори, како што го прават земјоделците во соседните земји. Нашиот збор никаде не се слуша, а иако некаде се чуе, не се уважува. Селаните и земјоделците немаат своја партија, ниту еден претставник во Парламентот и општинските совети. Сè додека е така ќе бидеме на маргините во ова општество“, вели Петар Диклиќ, земјоделец од селото Војник, кој во 1991 година се доселил од Хрватска и во 2000 година добил македонско државјанство како заслужен граѓанин за развој на земјоделството, со години произведува илјади тони на зеленчук пред сè компир, зелка и карфиол, но државата не му дава државно обработливо земјиште, а со тоа и не добива субвенции бидејќи обработува земја под наем од приватни лица.

    Тој додава дека кога дошол Македонија видел голем потенцијал за развој на земјоделството, поради неисцрпниот извор на богатство, сонце, вода и плодна почва, но вели дека за жал, македонската интелигенција тоа не го искористила и не поставила земјоделството на здрави нозе за евтино производство на здрава храна кое би го носела економскиот развој во државата. Земјоделците се пожалија дека најубавите обработливи површини во кумановско, како оние 100 хектари под систем за наводнување во село Младо Нагоричене ги добиле приватни фирми од Куманово на кои не им е основа дејност земјоделието. Затоа бараат од новиот министер да се изврши ревизија на распределбата на земјиштето и да се обелоденат злоупотребите со исплаќање на субвенциите. Тие бараат и поголема едукација на земјоделците и за да можат да ги следат современите трендови и да бидат конкурентни и на странските пазари.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира