Со вчерашните 45 новозаболени лица од КОВИД-19, Тетово и околните општини се искачија на самиот врв по број на заразени лица во државата. Во петокот имаше 18 новозаразени, во саботата тој број нарасна дури на 45, а денес се 32. Денешните случаи на заразени од КОВИД-19, исто како и поголемиот број од заразените во изминатиот период, се должат на контакти со заразени лица и непочитување на здравствените мерки, но често и поради криење контакти и симптоми од страна на заразените, велат од Центарот за јавно здравје во Тетово.
Во петокот беа регистрирани и два нови кластери, еден во Тетово и еден во Општина Јегуновце, додека 45-те регистирани во саботата се од веќе познатите кластери. Од Центарот за Јавно здравје во Тетово велат дека најголемиот дел од зарзените се лица на возраст од 20 до 30 години, а исто така голем е и бројот на лицата од 30 до 40-годишна возраст.
Деновиве во Тетовскиот Регион треба да заврши вонредниот скрининг на населението. Активностите се одвиваат забрзано, а од Центарот за јавно здравје велат дека кај населението нема отпор кон тестирањето.
„Не само што нема отпор кај населението кон тестирањето, туку многу е зголемен е бројот на лицата кои сакаат доброволно да се тестираат. Не можеме да постигнеме да ги тестираме сите заинтересирани лица. Иако денес е недела, неколку екипи од Центарот за јавно здравје од Тетово се на терен за што побрзо да ја завршиме оваа работа“, изјави д-р Зорица Зафироска, специјализант по инфектологија во Центарот за јавно здравје во Тетово.
З. АНДОНОВ