ЗГОЛЕМЕН Е БРОЈОТ НА ДЕЦА СО ПРОБЛЕМИ  ВО ГОВОРОТ КАКО ПОСЛЕДИЦА ОД КОВИД ИЗОЛАЦИЈАТА

    ЗГОЛЕМЕН Е БРОЈОТ НА ДЕЦА СО ПРОБЛЕМИ  ВО ГОВОРОТ КАКО ПОСЛЕДИЦА ОД КОВИД ИЗОЛАЦИЈАТАДецата имаат тешкотии во јазичното изразување или подоцна прозборуваат; - Од приемот на првачињата во пандемиската 2020/2021 учебна година. (Фото: СДК.МК)

    Бројот на деца кои имаат проблеми со говорот се зголемува, а една од причините е затвореноста дома во време на ковид изолацијата, велат стручните лица. Последниве години, статистиката и нивното искуство покажуваат дека бројот на децата кои имаат проблеми во говорот е сè поголем. Децата имаат тешкотии во јазичното изразување или подоцна прозборуваат.

    Според согледувањата, причината за зголемениот број деца со говорни проблеми е во ковид пандемијата и затвореноста на децата дома, како и посветеноста и зависноста од електронски апарати. Во учебните години 2019/2020 и 2020/2021, поголемиот дел од наставата се изведуваше онлајн и во зависност од епидемиолошката состојба.

    „Претходните две години, за жал короната го стори своето. Овие две генерации деца кои биле во подемот на развојот, имаат огромни потешкотии. Тоа е така оти се седеше дома, родителите се обидуваа да ги анимираат своите деца што полесно да го поминат тој период на изолација. Верувам, несакајќи децата беа оставени пред електронските уреди, беа ‘екранизрани’. Но тоа не помогна децата да имаат нормален тек на развој на говор“, вели Елизабета Димитриевска, логопед при Основното училиште и ресурсен центар за деца со посебни потреби „Маца Овчарова“ во Велес.

    Таа смета дека влијание има и брзиот начин и темпо на живот.

    „Тоа е немањето време на родителите да се посветат на своите деца и да бидат со нив, да видат до каде се во развојот. Оставаат се за утре а за жал времето си тече, а проблемот со говорот кај децата останува. А тој е решавачки за натамошен успешен живот и образование на децата“, вели Димитриевска.

    Таа препорачува родителите да посветат поголемо внимание кој децата, тие што помалку да бидат пред нивните мобилни телефони, лаптопи, таблети, телевизорите. Потенцира дека имаат зголемен обем на работа.

    „Затоа апелирам до родителите, бидете што повеќе со вашите деца. Разгледувајте, читајте сликовници, одете во природа, разговарајте со вашето дете, читајте стрипови, прикаски“, вели Димитриевска.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира