Триесет и деветгодишна жителка на Шпанија, со денови била држена затворена во хотелска соба во Струга, каде без нејзина согласност 29-годишник од Радолишта со денови ја присилувал на сексуални односи. Таа била барана со потерница од Интерол, па вчера полицијата ја пронајде во струшкиот хотел.
Според информацијата на портпаролот на СВР Охрид Стефан Димоски, полициски службеници од полициската станица Струга и Секторот за меѓународна полициска соработка ја пронашле К. М. Т, која по извршен разговор посочила дека без нејзина согласност била држена затворена во хотелската соба.
„По преземени мерки, а по барање на Интерпол Шпанија, на 04.04.2022 година, полициски службеници од полициската станица Струга и Секторот за меѓународна полициска соработка, во хотел во Струга, ја пронајдоа К. М. Т. (39) од Шпанија. Како што пријавила таа, во Струга пристигнала преку Тирана по претходен договор со Ш. С.(29) од селото Радолишта, Струшко, по што Ш. С. без нејзина согласност, неколку дена ја држел затворена во хотелска соба во хотел во Струга и ја присилувал на сексуални односи“, вели Димоски.
Синоќа во полициската станица Струга бил приведен Ш. С. и со него е извршен службен разговор.
„Известен е Јавен обвинител и по целосно расчистување на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава“, велат од СВР Охрид.
С. ВРЕНЦОВСКА