Општина Центар најави дека ќе го решава проблемот со блокираните тротоари во Дебар Маало со изградба на монтажен паркинг и поставување на заштитни столбчиња на улиците. По вчерашниот протест на граѓанското здружение „Во одбрана на Дебар Маало“ на кој граѓаните побараа да се применат постоечките закони и да се заштитат пешаците, од Општина Центар излегоа со соопштение во кое се наведува дека барањата на граѓаните се целосно оправдани.
„Општина Центар го поздравува конструктивниот протест кој вчера го одржаа граѓаните и каде побараа ослободување на тротоарите од возила во Дебар Маало. Како прв приоритет е обезбедување на простор за паркинг на повеќе возила во Дебар Маало, за што веќе е најдено решение. Наскоро ќе биде поставен монтажен паркинг помеѓу Општината и Министерството за одбрана, со влез и излез од улицата Орце Николов. Паркингот ќе обезбеди место за 270 до 290 возила. Ваквото решение е првиот чекор кон пренасочување на паркирањето и ослободување на тротоарите“, велат од Општина Центар.
Во иднина, Општината ќе работи и на поставување на заштитни столпчиња на сите улици, а ќе се изработи и студија за мерење на сообраќајот и проекција за потребниот паркинг простор за резидентите. Општината ќе иницира формирање на координативно тело со претставници од Град Скопје, Министерството за внатрешни работи и ПОЦ.
„Општина Центар веќе презема некои мерки за смирување на сообраќајот во Дебар Маало, како што е Зона 30. За жал, поради лоша соработка со претходната власт и недоволна контрола од страна на тогашното МВР, ограничувањето не се почитуваше во целост“, велат од Центар.