Граѓаните бараат да им се легализираат дивоградбите, но дел од нив не ги плаќаат давачките, велат локалните власти во Велес и во во Кавадарци.
„Граѓаните поднеле барање за легализирање на дивоизградени објекти и тоа по правило се предмети стари по 12-13 години. И кога ќе дојде време постапката да се приврши, тие не плаќаат, ги нема, не одговараат на обврската. И затоа се противам толку стари предмети да се легализираат и нема да гласам“, кажа Марјан Николов, член на Советот на Општина Велес.
Поради ова, градоначалникот на Општина Кавадарци Митко Јанчев поднел барање со Собранието за автентично толкување, како да се постапува во вакви случаи. Администрацијата на Општина Велес има околу 200 вакви предмети.
„И Општина Велес се судрува со ист проблем, но тоа е пропуст на законодавецот. Има измена во Законот, со која рокот за плаќање е укинат. Странката ја зема од кај нас или ја добива по пошта пресметката, но рок на плаќање нема. Чекаме граѓаните да платат, но тие од за нас непозната причина не сакаат да платат. А бараат легализација, сами поднеле документи, имаат ургенции побрзо да се легализира, а кога ќе дојде време да се плати, не се плаќа. Немаме законска можност како да ги обврземе да платат иако се и телефонски контактирани“, кажа Магдалена Спасева, раководителка на сектор во Општина Велес.
Во Општина Велес велат дека како интерен механизам користеле праќање опомени и по три пати, со предупредување дека барањето за легализација ќе биде одбиено, но повратен одговор и плаќање на обврската немало.
П. ПЕЧКОВ