ЖИТЕЛИТЕ НА КУМАНОВСКОТО СЕЛО ЉУБОДРАГ НЕ ИМ ДОЗВОЛИЈА НА ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ИМ ГИ УНИШТАТ СВИЊИТЕ, ШЕСТ МЕСЕЦИ ПО ЕДЕН СЛУЧАЈ НА АФРИКАНСКА ЧУМА

    ЖИТЕЛИТЕ НА КУМАНОВСКОТО СЕЛО ЉУБОДРАГ НЕ ИМ ДОЗВОЛИЈА НА ИНСПЕКТОРИТЕ ДА ИМ ГИ УНИШТАТ СВИЊИТЕ, ШЕСТ МЕСЕЦИ ПО ЕДЕН СЛУЧАЈ НА АФРИКАНСКА ЧУМАСточарите велат дека протестот ќе трае додека не се повлечат решенијата за уништување на свињите (Фото: СДК.МК)

    Жителите на кумановското село Љубодраг денеска два часа со механизација го блокираа стариот пат Куманово-Скопје за да ги спречат инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) и екипите на Ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ да влезат во селото и да ги уништат здравите свињи, откако пред шест месеци на една тамошна фарма бил регистриран случај на болеста африканска чума.

    Сточарите тврдат дека во тоа време биле уништени заболените свињи, а на останатите им биле земени примероци на крв, кои покажале дека добитокот е здрав. И покрај тоа што Агенцијата имала обврска во рок од 40 дена да им даде упатства дали да продолжат со одгледувањето на добитокот или не, никој не им се јавил.

    Поминаа шест месеци без регистриран нов случај на заболени свињи, нема ни лечени, ни угинати свињи. Затоа нема да им дозволиме на инспекторите да влезат во селото и да ги уништат свињите. Пред три дена ни најавија дека денеска ќе ни донесат нови решенија со кои нè известуваат дека ќе ги уништат свињите. Луѓето се во небрано, не знаат што да прават, произвеле храна и од тоа живеат“, изјави Бобан Лазиќ, претседател на месната заедница Љубодраг.

    Сопственикот на фармата каде што бил откриен единствениот случај на африканска чума, Звонко Цветковски, вели дака на 8 октомври минатата година му се уништени осум свињи и 60 прасиња. Отштетата во висина од 60 отсто ја добил пред пет дена, по цели пет месеци.

    Излегов на протестот затоа што им давам поддршка на моите соседи, затоа што по првиот случај кај мене, во селото немаше ниеден нов случај. Јас сега немам право да одгледувам свињи. Пропаѓа нивната храна, а од тоа живееме со семејството“, вели Цветковски.

    Сточарите ја повикуваат АХВ да го смени правилникот за искоренување на африканската чума, кој треба да се ревидира на секои пет години. Тие најавуваат дека протестот ќе трае додека не се повлечат решенијата за уништување на свињите.

    Жителите на Љубодраг, Умин Дол, Ново Село и Тромеѓа протестираа и во октомври, по што уништувањето на добитокот беше спречено или само одложено.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира