ЖИТЕЛИТЕ НА ПОРОЈ СО БЛОКАДИ НА ПАТОТОТ БАРААТ ВЛАСТА ДА ИМ ГИ САНИРА ШТЕТИТЕ ОД ПОПЛАВИТЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ПОРОЈ СО БЛОКАДИ НА ПАТОТОТ БАРААТ ВЛАСТА ДА ИМ ГИ САНИРА ШТЕТИТЕ ОД ПОПЛАВИТЕМагистралниот пат Тетово-Јажинце кај селото Порој денеска беше блокиран половина час од жителите на ова село, како протест за несанираните штети од поплавата во јуни (Фото: СДК.МК)

    Половина час магистралниот пат Тетово-Јажинце кај селото Порој денеска беше блокиран од жителите на ова село. Тие на овој начин го изразија своето незадоволство од централната и локалната власт, што досега речиси ништо не превзеле за санирање на штетите од поплавата во јуни, годинава. Тие велат дека освен што е расчистен магистралниот пат друго ништо не е направено и санирано во селото.

    „Крајно сме незадоволни и од локалната и од централната власт како се справуваат со последиците не само од оваа поплава, туку и од оние поплави од порано. Во горниот дел од реката уште надвиснуваат големи камења кои, ако се откорнат, можат да предизвикаат големи штети не само во село Порој туку и во Џепчиште. Со ова директно се загрозени над 10.000 жители. Освен ова, уште немаме добиено компензација за причинетите штети, а не е исчистено ни коритото на Поројска Река освен овој дел кај главниот пат“, вели Садри Беадини од Порој.

    Жителите на Порој велат дека ова е само предупредувачки протест и тој ќе продолжи ако набрзо не се превземат мерки за санирање на штетите и обесштетување на лицата чии имоти и ниви беа поплавени .

    „Моменталната ситуација е многу поопасна од онаа пред поплавите. Коритото на реката сред село уште не е исчистено. По мостот кој ги поврзува двата дела на селото можат да минуваат само пешаци, но не и автомобили. Наскоро ќе започне учебната година и ние мислиме дека вака и животот на нашите деца ќе биде загрозен“, вели претседателот на Месната заедница Порој.

    Во поплавата предизвикана од поројниот дожд кој го зафати селото Порој во јуни оваа година, патот Тетово-Јажинце на местото каде поминува Поројска Река беше затрупан со огромни камења и кал и беа потребни десетина дена да се расчисти, во селото беше тешко оштетен мостот кој ги поврзува двата дела на селото, а надојдената вода и кал предизвикаа големи штети и на земјоделските површини во долното течение на реката.

    З. АНДОНОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира