ЖИТЕЛИТЕ НА РЕЖАНОВЦЕ ЈА БЛОКИРАА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, БАРААТ ПОМАЛА СТРМНОСТ И ПРЕГЛЕДНА КРИВИНА НА ПАТОТ ПРЕД СЕЛОТО

    ЖИТЕЛИТЕ НА РЕЖАНОВЦЕ ЈА БЛОКИРАА ИЗГРАДБАТА НА ПРУГАТА КУМАНОВО-БЕЉАКОВЦЕ, БАРААТ ПОМАЛА СТРМНОСТ И ПРЕГЛЕДНА КРИВИНА НА ПАТОТ ПРЕД СЕЛОТОТие се жалат дека на влезот во селото се прави поврзување под прав агол, кое ќе биде пречка за нормално функционирање на сообраќајот. (Фото: СДК.МК)

    Жителите на кумановското село Режановце денеска ја блокираа изградбата на железничката пруга Куманово-Бељаковце, незадоволни од проектното решение врз основа на кое гради патот и надвозникот над пругата во нивното село. Имено, тие се жалат дека на влезот во селото, на местото каде се спојуваат стариот селски и новиот пат, се прави поврзување под прав агол, кое ќе биде пречка за нормално функционирање на сообраќајот. Дополнително, сметаат дека патот до надвозникот е многу стрмен и нема заштитна ограда.

    „Проблемот е во тоа што патот нема доволно широчина. Кога е направена експропријација не е откупено доволно земјиште и сега нема простор да се направи прописно поврзување. Селскиот пат е со широчина од 5 метри, а новиот 10 метри. Значи морало да се предвиди место и за кривината. Ако се изгради патот под агол од 90 степени, во селото нема да може да се влезе автобус, камион, ни трактор. Патот до надвозникот се гради под голема угорнина и зимоска нема да можеме да излеземе. Ние бараме да се направи блага прегледна кривина, да се намали угорнината и да се постави заштитна ограда. Нас не не интересира што стои во проектот, кога се договаравме од Железница ни ветија дека ќе има блага кривина и ние ги пуштивме да работат, кога видовме дека не излажаа излеговме на блокада“, вели Зоран Крстевски, претседател на месната зедница Режановце.

    Кога се договаравме, од Железница ни ветија дека ќе има блага кривина и ние ги пуштивме да работат, кога видовме дека не излажаа излеговме на блокада, велат жителите. (Фото: СДК.МК)

    Мештаните кажуваат дека покрај селскиот пат има два метра државно земјиште, кое го узурпирале дел од домаќинствата, па побараат државата да интервенира за да се реши проблемот на селото. Инвеститоторот има обврска да и да го асфалтира селкиот пат во должина од еден километар до центарот на селотот, бидејќи е оштетен со изградбата на пругата.

    „Кривината од десната страна на патот е под 90 степени. Инвеститорите треба да си го решат проблемот додека не е изграден патот, затоа што потоа ќе биде доцна. Нашето село има преку 200 хектари земја, утре тука треба да се движиме со трактори и камиони, кои ќе бидат полни со товар, како ќе се спуштаме по таа удолнина и на таа кривина, особено кога ќе заледи?“, прашува Душко Спасовски.

    Жителите пред две недели ги известиле надлежните во Македонски железници – Инфраструктура за проблемот, но им било речено да поднесат жалба за да се разгледа нивниот проблем. По најавата за протест, денеска дошле претставници од претпријатието, при што било договорено утре да се прекине блокадата за да се направи нов премер и увид во скицата.

    Ако не се најде решение мештаните најавуваат дека ќе останат на своите барање и нема да дозволат да се догради надвозникот, за да го користат стариот пат кој поминува преку пругата.

    С. НИКОЛИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира