Стотина жители на селата Пчиња и Студена Бара утринава го блокираа патот кон депонијата „Краста“, каде што се изнесува сметот од Куманово, поради тоа што веќе шест месеци чади и ја загадува животната средина. Тие бараат од надлежните локални и државни институции да го решат долгогодишниот проблем и најавуиваат дека дотогаш нема да дозволат ЈП „Чистота и зеленило“ да го изнесува сметот на депонијата.
„Блокадата на депонијата ‘Краста’ е изнуден одговор на шестмесечната голгота со постојаното загадување на воздухот што го дишеме поради горењето на депонијата, која е во близина на нашите домови. Оваа блокада е резултат на глувоста на Општина Куманово, ЈП ‘Чистота и зеленило’, како и на другите институции, кои и покрај сите наши апели, усни и писмени, останаа глуви и не презедоа ништо за да се изгасне пожарот на депонијата“, кажа претседателот на Месната заедница Пчиња, Александар Илиевски.

Додека трае блокадата се пропуштаат само камионите што носат земја за да го затрупуваат сметот, додека камиони се ѓубре се враќаат. (Фото: СДК.МК)
Тој потсети дека неодамна имале средба со градоначалникот, советниците и претставниците на јавното претпријатие, при што им било ветено дека до 2 октомври ќе биде ангажирана механизација за гаснење на пожарот. Меѓутоа, ништо од тоа не било реализирано, а пожарот и загадувањето во последните денови станале поинтензивни.
„Животот во нашето село стана неподнослив и затоа се решивме на овој непопуларен чекор. Барањето на сите жители од селата е целосно гаснење и потрупување на депонијата, како и преземање мерки за да се спречи повторно палење, а со тоа да се намали загадувањето. Доколку не се исполнат нашите барања, нема да отстапиме од блокадата, затоа што нашето здравје ни е најбитно“, додаде Илиевски.
Покрај депонијата „Краста“, жителите ги блокираа и камионите на каменоломите, кои работат во близина, бидејќи сметаат дека не работ спротивно на процедурите, и дополнително ја загадуваат животната средина. Поради тоа побарале помош од Владата.
„Поради пожарот на депонијата ‘Краста’, кој го загрозува здравјето на населението, бараме Владата да преземе координирани мерки преку надлежните институции. Бараме формирање владина работна група, вонреден инспекциски надзор, извештаи од Министерството за животна средина и Министерството за здравство, континуирано мерење на квалитетот на воздухот, изработка на план за санација, утврдување на лична одговорност и санкции. Ова го бараме затоа што немаме доверба во општинската власт“, кажа Дејан Трендевски.
Стојан Стојковски, од здружението „Еко Пчиња“, вели дека поради токсичниот чад кој секојдневно го дишат нивните деца, дома и на училиште, сериозно е загрозено нивното здравје.
„Децата сè почесто се жалат на печење во грлото и носот. Денеска многу родители не ги пуштија децата на училиште, а кога се таму, децата не ги пуштаат надвор на голем одмор ниту на физичко, затоа што надвор не се дише. Ние не можеме да пуштиме ни клима дома, затоа што токсичниот чад ни влегува во собите“, вели Стојковски.
На терен денеска беше и директорот на ЈП „Чистота и зеленило“, Сашо Томиќ, кој кажа дека интензивно се работи на гаснење на пожарот, при што се истура вода и земја, но тоа не оди лесно затоа што депонијата е на голема површина, а тие немаат доволно механизација.
„Разговаравме со населението, револтот е голем, но ќе се трудиме што побрзо да ја поправиме состојбата. Ситуацијата не е добра, депонијата доста чади. Добивме два багери од приватни фирми и интензивно се работи. Се надевам дека за ден-два ќе ја доведеме состојбата на поподносливо ниво“, вели Томиќ.
И екипите на Територијалната противпожарна единица од Куманово се на терен, пожарот се гасне со цистерни и воден топ, со цел да се изгасне и да се нормализира состојбата.
Додека трае блокадата се пропуштаат само камионите што носат земја за да го затрупуваат сметот, додека камиони се ѓубре се враќаат.
Поради целата состојба, Советот на Општина Куманово вчера на вонредна седница донесе одлука да се издвојат 4 милиони денари од општинскиот буџет за поправка на механизацијата на ЈП „Чистота и зеленило“, која се користи за гаснење на пожарот и санација на депонијата „Краста“, откако жителите најави блокада.
Додека траеше блокадата целиот крај беше обвиткан во густ чад, па повеќето од жителите мораа да носат маски.
С. НИКОЛИЌ



