Жителите на Општина Шуто Оризари на кои им се приклучија средношколците и студентите денеска протестираа пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсовска барајќи редовен автобуски превоз. На протестот жителите на Шуто Оризари дојдоа со транспаренти на кои пишуваше „оставка“, „оди си“, „сите заслужуваме редовен превоз“.
Жителите велат дека се отсечени од градот, нема ниту еден автобус на линијата 19 и немаат како да стигнат на работа или на доктор. На протестот беше и градоначалникот на Општина Шуто Оризари Курто Дудуш.
„Рековте неумесно е граѓаните на Скопје да останат без јавен превоз еден ден поради недостаток од нафта. Според вас, која е замената за зборот неумесно за граѓаните на Шуто Оризари кои 730 дена немаат пристап до јавен превоз. Јас би рекол зборот е расистички. Расистички, дискриминаторски и нехумано е да оставите 40.000 граѓани без јавен превоз“, рече градоначалникот Дудуш.
Средношколците и студентите рекоа дека редовно доцнат на часови и на испити оти не се знае кога ќе дојде автобус, а ако дојде е преполн па не можат сите патници да се качат. Според нивните анкети 85 отсто од студентите во последните две недели чекаат автобус повеќе од 15 минути, а 65 отсто повеќе од 20 минути, а 95 посто од студентите не се задоволни од јавниот превоз кој го нуди Градот.
А.АНТЕВСКА