ЖИТЕЛИТЕ НА ТЕТОВСКОТО РОМСКО МААЛО ЖИВЕАТ СО СТРАВ ДЕКА ЕРОЗИЈАТА ЌЕ ИМ ГИ ОДНЕСЕ ДОМОВИТЕ

    ЖИТЕЛИТЕ НА ТЕТОВСКОТО РОМСКО МААЛО ЖИВЕАТ СО СТРАВ ДЕКА ЕРОЗИЈАТА ЌЕ ИМ ГИ ОДНЕСЕ ДОМОВИТЕЖителите на населбата веќе три години чекаат општината да им изгради нов потпорен ѕид (Фото: СДК.МК)

    Жителите на ромската населба која се наоѓа под ридот Балтепе ведаш над градските гробишта се загрижени дека лизгањето на земјиштето може да им ги затрупа куќите.

    Во февруари 2018, после неколкудневните дождови, попушти еден бетонски потпорен ѕид и падна врз куќа, при што загина еден жител на оваа населба. Сега Ромите од ова маало стравуваат дека трагедијата може да се повтори, бидејќи иако Општина Тетово им ветила дека ќе се изгради нов потпорен ѕид, тоа сѐ уште не е направено.

    „Спиеме со страв, се будиме со страв, живееме со страв. Се плашиме дека еден ден целото брдо над нас ќе нѐ затрупа. Гледате како е, до вратата на мојата куќа нема ниту метар земја, сѐ е свлечено надолу. Еден ден сите може да нѐ свлече надолу и сите да загинеме. Сега со секој дожд земјата сѐ повеќе се рони. Овде, во горниот дел има пет куќи и сите сме во ризик, но опасно е и за куќите кои се под нас. Бевме во општина кај надлежните, од кои бараме да се направи нов потпорен ѕид. Тие дојдоа, снимија, рекоа дека ќе направат нов ѕид, но еве колку време помина оттогаш, а од тоа нема ништо. Вчера пак беа, направија увид и само ни велат чекајте, а ние еве чекаме скоро три години“, вели Кадри Демири, жител на ромската населба.

    Поголемиот дел од жителите во ова ромско маало, кое има 25 куќи, живеат во супстандардни услови. Куќите се мали, правени со несоодветен материјал и поради тоа ризикот од несреќи е многу голем.

    „И јас сум се жалел двапати, но без резултат. И кај мене е ризично за живеење. Се плашиме дека ова брдо над нас може да ни падне додека спиеме и сите да нѐ затрупа. Најмногу се плашиме кога подолго време врне дожд“, се надоврзува соседот на Кадри, Амрим Кагури.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира