Жителите на скопската населба Влае од денеска ќе го селектираат отпадот. Со пилот-проектот на 500 домаќинства им беа доделени канти за селекција на отпад. Во една канта ќе се фрла сув отпад-пластиката, хартијата, металот, стаклото, а во друга биоразградливиот отпад, односно остатоците од храна, овошје, зеленчук, месо, лисја, цвеќе.
„Покрај сувиот дел од комуналниот отпад што веќе се преработува, планираме во целост да ја искористиме и преработиме и влажната фракција на отпадот, за што веќе имаме нацрт-проект за компостирање на биоразградливиот отпад, што следната година ќе започне да функционира во нашиот Центар за селекција во Вардариште, a го изработи консултантот од САД, Џеф Гејџ. Ги повикуваме граѓаните да го селектираат својот комунален отпад и на тој начин да ни се придружат во остварувањето на нашата визија за почисто Скопје и поздрава животна околина“, рече директорот на ЈП „Комунална хигиена“ Абдусамед Шабани.
Отпадот ќе се добира два пати во неделата, со посебни камиони.
А. АНТЕВСКА