ЖИТЕЛИТЕ ОД МЕЏИТЛИЈА ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО ГРЦИЈА БАРАЈЌИ ДРЖАВАТА ДА ИМ ДАДЕ ЗЕМЈИШТЕ ПОД КОНЦЕСИЈА

    ЖИТЕЛИТЕ ОД МЕЏИТЛИЈА ГО БЛОКИРАА ПАТОТ ДО ГРЦИЈА БАРАЈЌИ ДРЖАВАТА ДА ИМ ДАДЕ ЗЕМЈИШТЕ ПОД КОНЦЕСИЈАЛокалните жители се жалат дека годинава се соочени со голем недостиг на сточна храна и нема од каде да ја набават (Фото: СДК.МК)

    Жителите на Меџитлија и други битолски села блокираа дел од патот Битола-грчка граница со земјоделска механизација, барајќи од државата да им даде државно земјиште под концесија како би произвеле храна за прехрана на добитокот. Тие се жалат дека годинава се соочени со голем недостиг на сточна храна и нема од каде да ја набават. Велат дека во селото одгледуваат 500 крави, а немаат ни хектар земјиште по семејство за да произведат сточна храна. Земјиштето околу Меџитлија со години е под концесија на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, а локалните жители се принудени да бараат земја под наем во други села.

    „Молиме државата да ни даде земјиште под наем заради егзистенција, а не бизнис. Немаме со што да ги храниме кравите. Бараме од Владата и министерот за земјоделство да дојдат и да ја видат нашата мака и да најдат начин да можеме и ние да користиме државно земјиште. ЗК ‘Пелагонија‘ користи скоро 80 проценти од земјиштето во Пелагонија. Ние не сме против комбинатот, туку бараме и на другите земјоделци да им се даде земјиште. Ни требаат најмалку по три хектари за да можеме да преживееме оваа година“, рече Бурим Банушевски, претседател на месната заедница во Меџитлија.

    Не можејќи да најдат излез, 27 семејства од Меџитлија узурпираа 50 хектари од државното земјиште што му е дадено на ЗК „Пелагонија“ и го посеаја. Им била пратена инспекција и биле известени дека ќе бидат кривично гонети за узурпација и нарушување на сеидбениот план на концесионерот.

    „Ние не бараме да нè вработат по институции, по канцеларии, бараме сами да работиме за леб. Пред секои избори ни ветуваат земја, а потоа не ни ја даваат“, рече сточарот Бујар Хамери.

    Досега опстојуваа изнајмувајќи ниви и со километри оддалечени од селото, а купуваа и храна од Свети Николе и Радовиш. Но, продавачите ги известиле дека годинава храна нема.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира