ЖИВОТОТ НА МОЈАТА ЌЕРКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ, НО КАЗНАТА ЗА ВОЗАЧОТ Е МАЛА, РЕАГИРА МАЈКАТА НА БЕЛЧОВСКА ЧИИ ОРГАНИ БЕА ДОНИРАНИ

    ЖИВОТОТ НА МОЈАТА ЌЕРКА НЕ МОЖЕ ДА СЕ ВРАТИ, НО КАЗНАТА ЗА ВОЗАЧОТ Е МАЛА, РЕАГИРА МАЈКАТА НА БЕЛЧОВСКА ЧИИ ОРГАНИ БЕА ДОНИРАНИ

    Семејството Белчовски од беровско Русиново реагира на донесената пресуда од 30 месеци казна затвор за возачот кој на пешачки премин во Струмица  ја удри нивната ќерка Верче, чии органи беа донирани по една недела. Штипска апелација двојно ја зголеми казната за 18-годишниот струмичанец, откако Струмичкиот суд  летово го осуди на казна затвор од 15 месеци, а семејството поднесе жалба.

    Душанка Белчовска  вели дека никој не може да ѝ ја врати ќерка ѝ, но ја боли што во самата постапка, судот во Штип потклекнал на лаги дека обвинетиот  со семејството се грижеле за нејзината ќерка.

    „Дуплирана му е казната, но не сме задоволни. Животот на мојата ќерка не може да се врати, но казната е мала. Многу лаги изнесоа,  демек се грижеле за мојата ќерка додека беше во кома и носеле влажни марамчиња за хигиена. Тоа е сè лага. Никогаш не се јавија да прашат како е, а камоли да се грижат“, кажа Душанка, која вели дека утехата ја бара во секојдневните контакти со дел од лицата кои добија органи од Верче.

    Реагираше и адвокатката на Белчовски, Сања Мирчов, која смета дека казната е премала, бидејќи сообраќајката се случила на пешачки премин за која момчето имало две кривични пријави.

    „Со вакви судски одлуки со кои сторители на кривични дела и носење на човечки животи,  во никој случај не може да спречиме дивеење на возачите и сè додека судовите изрекуваат вакви мали санкции, возачите нема да постапуваат одговорно зад воланот“, вели Мирчов.

    Откако беше констатирана смрт кај Верче, семејството Белчовски  одлучи да ги донира органите. Срцето на 20-годишната беровчанка беше трансплантирано кај Иле Трезовски, а беа донирани и бубрезите, како и коските за пациенти со тешки фрактури или немале можност да стават протези .

    В. ТРАЈКОВ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира