Меѓу големиот број знамиња на Република Албанија, за време на концертот организиран по повод посетата на косовскиот премиер Албин Курти на плоштадот во Тетово се вееше и знаме со карта на Голема Албанија на која се опфатени делови од Македонија, Црна Гора, Србија и Грција. Ваква фотографија е поставена на официјалниот профил на градоначалникот на Тетово, Биљал Касами на социјалната мрежа Фејсбук и на официјалната веб страна на Општина Тетово.
На настанот беа присутни и Иџет Меџити и Африм Гаши, а пред бројната публика беа изведени народни и забавни песни исполнети од албански изведувачи. Пред почетокот од концертот на публиката ѝ се обратија и Албин Курти и Биљал Касами.
„Северна Македонија треба да биде што поблиску до Косово, Албанија и Бугарија, а подалеку од Србија која не се дистанцира ни од Милошевиќ, ни од Путин. Вака Северна Македонија ќе биде што поблиску до зачленувањето во ЕУ, а нашиот регион на Балканот ќе биде побезбеден. Поради ова ние треба да ѝ помагаме и ќе ја поддржиме Северна Македонија“, рече од говорницата Албин Курти.
Како што пренесе МИА, Кабинетот на премиерот Димитар Ковачевски попладнево посочи дека пред сѐ, оваа посета на Курти, е приватна и за деталите од поканата, протоколот и организацијата упати кај организаторот. Од Кабинетот на премиерот во текот на денот е исконтактиран амбасадорот на Косово во Македонија, во врска со споменатата иконографија користена при приватната посета на косовскиот премиер на земјата.
„Во секој случај, Кабинетот на премиерот смета дека истакнувањето знамиња кои не се државните е спротивно на протоколите и законите за организирање настани во присуство на државници од странски земји. Воедно, видот на иконографија забележан на настанот во присуство на висок претставник на странска држава е несоодветно и недозволиво во земја членка на ООН и земја-членка на НАТО и во таа насока ве информираме дека СВР Тетово презема мерки за идентификување на сторителите и целосно расчистување на случајот. Воедно, Кабинетот на премиерот посочува дека за осуда е фактот што на настанот организиран на територија на Република Северна Македонија, не е интонирана македонската државна химна и не е истакнато македонското државно знаме.“, се појаснува во соопштението.
Претходно вчера, Курти беше во посета на Општина Тетово, каде имаше средба со градоначалникот Касами, а тие заедно потоа го посетија планинското село Вејце од каде двајцата се заложија за побрза изградба на патниот правец Тетово-Призрен кој би минувал низ Шар Планина.
З. АНДОНОВ