Повеќе од 5.000 полицајци ќе бидат распоредени на клучни места во Париз за денешното финале на Европското првенство во фудбал помеѓу домаќинот Франција и Португалија.
Полицијата ќе патролира околу „Стад де Франс”, како и кај фан зоната близу Ајфеловата кула, на булеварот Шанзелизе и во метрото. Сепак, дури и ако Франција победи, нема да има шампионска парада низ француската престолнина поради безбедносни ризици, предупредија властите.
„Тоа не е возможно. Не можеме да дозволиме големи толпи да циркулираат слободно во понеделник”, изјави Мишел Кадо, шефот на париската полиција.
Еден милион навивачи се собраа на Шанзелизе веднаш по триумфот на Франција на Светското првенство во 1998 година, кое, исто така, се одржуваше во Франција. Утредента, стотици илјади излегоа на париските улици за парадата со отворен автобус.
Полицијата и армијата патролираат низ Париз уште од терористичките напади минатиот ноември, кога загинаа 130 луѓе. Тогаш, терористите нападнаа неколку места, вклучувајќи го и „Стад де Франс”, кадешто вечерва со почеток од 21 часот се игра финалето.
Досега на шампионатот се одиграа 11 натпревари во Париз на „Стад де Франс” и на „Паркот на принцовите” и сите поминаа без поголеми проблеми.