Руските фудбалери побарале од претседателот Владимир Путин да им помогне да се откаже концерт близу хотелот во Марсеј, во кој се сместени.
Додека Давид Гета ја забавуваше публиката на вчерашното отворање на Европското првенство на „Стад де Франс“ во Париз, во фан-зоната во Марсеј требаше да се одржи концерт на диско легендата од 70-те Чероне. Сепак, кога руската делегација сфатила колку е блиску фан-зоната до нивниот хотел, се јавиле кај Путин, кој интервенирал кај градоначалникот на францускиот град да се откаже концертот за да можат фудбалерите да се наспијат пред денешниот дуел со Англија на „Велодром“.
„Бидејќи руските играчи му се јавија дури и на Путин за да се осигураат дека нема да има премногу бучава, решивме да го испочитуваме нивното барање“, откри градоначалникот на Марсеј, Жан-Клод Годин, зошто бил откажан концертот.
Чероне, сепак, ќе одржи концерт во Марсеј, но на 10 јули, кога се игра финалето во Париз и кога во Марсеј веќе нема да престојуваат репрезентациите.