УЕФА реши да им забрани на фудбалерите да прославуваат со своите деца на теренот по завршувањето на натпреварите од Европското првенство во Франција.
Велшаните беа едни од оние коишто парадираа со децата облечени во дресови по победите на шампионатот во Франција, но веќе нема да можат да го прават тоа, откако УЕФА донесе одлука да нема веќе фамилијарни прослави на терените.
„Ова е Европско првенство, не е фамилијарна забава. Стадионот не е баш најбезбедно место за мали деца. Не сме 100 отсто против тоа, но мора да бидеме внимателни“, изјави Мартин Кален, директорот на УЕФА за Европското првенство во Франција.
Забраната на УЕФА ќе почне да важи од утре, кога во првото полуфинале во Лион ќе се сретнат Португалија и Велс. Задутре, во другото полуфинале играат домаќинот Франција и светскиот шампион Германија. Финалето е закажано за в недела.