74.000 гласачи заведени во Избирачкиот список никогаш не се појавиле во базите на десетте државни институции што биле предмет на обработка на експертската комисија што ги вкрстуваше податоците, дознаваме неофицијално од извори во ДИК кои го имаат видено извештајот на експертската комисија за вкрстување на податоците од Избирачкиот список. Во тие десет бази во последните 9 месеци не се заведени и 124.000 имиња кои фигурираат на Избирачкиот список.
Токму околу овие бројки се расправаат членовите на ДИК кои го усвоија извештајот добиен од вкрстената проверка на податоците, но се уште не можат да се договорат колку од спорните гласачи ќе се проверуваат на терен.
Неофицијално, во извештајот се појавиле околу 34.000 спорни гласачи кои се заведени во куќи во кои живеат над 20 станари и над 18.000 гласачи кои се евидентирани во станови во кои живеат над осум станари во едно домаќинство, со разни варијации на презиме.