Набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР за предвремените парламентарни избори закажани за 11 декември ќе пристигнат во Скопје следната недела, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК Томас Ример, портпаролот на ОБСЕ/ОДИХР.
„Главниот тим на изборни аналитичари треба да пристигне во Скопје околу крајот на октомври, додека долгорочните набљудувачи ќе пристигнат и ќе се распоредуваат низ земјата во текот на следната недела“, кажа Ример.
ОБСЕ/ОДИХР има обезбедно буџет за набљудувачката мисија во Македонија и таа ќе биде со ист капацитет како за претходната, која беше за одложените избори на 24 април и 5 јуни, со 24 долгорочни и 300 краткорочни набљудувачи, кои ќе бидат испратени од земјите членки на ОБСЕ.
„Процесот на подготовки за мисијата е во финална фаза“, вели Ример.
Вчера, претседателот на Собранието Трајко Вељановски ја закажа седницата за распуштање на парламентот за во понеделник. На дневен ред на седницата, пред точката за распуштање, е точката за усвојување на Буџетот за 2017 година.