Државната изборна комисија го усвои извештајот според кој 310.000 гласачи од Избирачкиот список се спорни, дознаваме неофицијално од извори во ДИК.
Официјално пак, од ДИК не кажуваат колку гласачи се спорни, но потврдуваат дека членовите се уште не се договориле колку гласачи од Избирачкиот список ќе се проверуваат на терен.
Извори во Комисијата велат дека седницата се уште трае и допрва ќе се кршат копјата колку гласачи од Избирачкиот список ќе мора да се проверат на терен, а за колку ќе мора да се најде нов модел на проверка преку базите на податоци на државните институции.
Проверката на базите на институциите беше правена од три експертски тимови, кои правеле извештаи независно еден од друг. Конечниот резултат добиен како резултат на вкрстената проверка на десет бази на податоци од државните институции бил направен со комбинирање на податоците на трите независни извештаи.
Првичните резултати покажале дека по разни основи теренска проверка била потребна за 495.000 гласачи. Членовите на ДИК не можеа да се согласат околу извештајот и два дена го одлагаа неговото усвојување.