МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ САКА ДА МУ ЗЕМЕ 80 ОТСТО ОД ИМОТ ЛЕГАЛИЗИРАН ПО ЕВРО ЗА КВАДРАТ, А СОПСТВЕНИКОТ ПЛАТИЛ И ДАНОК

МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ТРАНСПОРТ САКА ДА МУ ЗЕМЕ 80 ОТСТО ОД ИМОТ ЛЕГАЛИЗИРАН ПО ЕВРО ЗА КВАДРАТ, А СОПСТВЕНИКОТ ПЛАТИЛ И ДАНОКСлучајот што го испитува Народиноот правобранител, е уште еден пример кога граѓаните не се воопшто виновни што имаат имот на градежна парцела која нема број и поради тоа е скршено нивното право за легализација на куќи и дворови, кои пред повеќе години и онака регуларно си ги купиле, но немале можност да ги запишат во Катастар; - Министерство за транспорт и врски (Фото: СДК.МК)

Граѓанин од скопската населба Ѓорче Петров кој по законот за легализација си ја легализирал куќата, се соочува со опасност да му пропаднат сите пари што ги платил досега, па дури и данокот на промет, затоа што Министерството за транспорт и врски не му дава да го впише имотот во Катастар. Ова е уште еден пример кога граѓаните не се воопшто виновни што имаат имот на градежна парцела која нема број и поради тоа е скршено нивното право за легализација на куќи и дворови, кои пред повеќе години и онака регуларно си ги купиле, но немале можност да ги запишат во Катастар.

Веднаш штом си ја легализирал својата куќа, овој жител на Ѓорче Петров во средината на 2016 до Министерството за транспорт и врски поднел барање да си ги „купи“ куќата и земјиштето по едно евро за квадрат. Министерството му го прифатило барањето и му изготвило договор дека му го продава земјиштето по евро за метар квадратен. Човекот ги плаќа тие пари, околу 50 евра, а на Град Скопје му плаќа и данок на промет во износ од 50.000 денари. Но, договорот не може да си го реализира.

Оттогаш до денеска, тој договор со Министерството за транспорт и врски, кое му се заканува дека ќе го раскине, останува незаверен кај нотар. Поради тоа, човекот се обратил кај Народниот правобранител Иџет Мемети, а службите отворија постапка за остварување на неговите нарушени права.

„Човекот се пожали кај Народниот правобранител на почетокот на годинава. Констатиравме дека за таа Општина, т.е. за тоа населено место во важност е Урбанистички план што е донесен во 1993 година и тој сѐ уште е во сила. Нов нема. Притоа, во тие планови тогаш не постоела обврска да се наведуваат градежни парцели. Од каде да измисли сега ова лице број на градежна парцела, кога нема во планот што сѐ уште е во сила?“, вели Зоран Билбиловски, советник на Народниот правобранител Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

Причината што Министерството не го потпишува договорот е што надлежниот Државен правобранител Вишња Младеновска од Скопје не дава позитивно мислење за тоа земјиште, со образложение дека во договорот немало број на градежна парцела.

Државниот советник на Обмудсманот Зоран Билбиловски објаснува каде е неправдата кон недолжниот граѓанин, кого државата го малтретира две години иако од негова страна сѐ направил, ништо не погрешил и ги платил обврските кон неа до денар.

„Човекот се пожали кај Народниот правобранител на почетокот на годинава. Констатиравме дека за таа Општина, т.е. за тоа населено место во важност е Урбанистички план што е донесен во 1993 година и тој сѐ уште е во сила. Нов нема. Притоа, во тие планови тогаш не постоела обврска да се наведуваат градежни парцели. Од каде да измисли сега ова лице број на градежна парцела, кога нема во планот што сѐ уште е во сила?“, прашува Билбиловски.

Народниот правобранител се обратил и писмено до Министерството за транспорт и врски со ова укажување. Побарал да се координираат со Државниот правобранител и случајот да биде решен за да не трпи овој граѓанин последици и огромни трошоци. Омбудсманот укажал дека човекот платил сѐ, извадил дури и елаборат.

„Место службите на Министерството да се заангажираат, тие ни укажуваат дека треба да се постапи по член 5 од договорот, а тој вели: Договорот еднострано ќе се раскине и 80 отсто од вкупната сума не се враќа на купувачот!, иако човекот нема никаква вина“, вели Билбиловски.

По овој одговор, уште еднаш Омбудсманот побарал од Министерството да проверат службите дали има дискриминација од Државниот правобранител во случајов, зашто во идентични ситуации каде важеле стари урбанистички планови во кои градежните парцели не биле обележани со броеви, државни правобранители не приговарале и тие граѓани си ги впишале парцелите во Катастар без проблем.

Оваа последна комуникација на Народниот правобранител со Министерството за транспорт и врски, во која тој укажува за селективност во постапката на легализација на имотот, е од пред неколку дена. Омбудсманот чека одговор на прашањето дали е возможно државна институција да бара нешто што не може да го има?

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира