Масивните надгробни плочи од мермер тешки од 300 килограми до пола тон, кои под чудни околности исчезнаа од гробиштата во Ѓорче Петров лани во август, по интервенцијата на Народниот правобранител ги најде МВР. Полицијата го известила Народниот правобранител Иџет Мемети дека три лица, вклучително и чуварот на гробиштата, се вмешани во кражбите и бизнисот со скапите плочи. МВР до Скопското обвинителство поднело кривични пријави против тројцата, за тешки кражби и свернавење на гроб.
За овој случај претставка пред Омбудсманот поднесе едниот од оштетените, Зоран Минарков, кој за САКАМДАКАЖАМ.МК раскажа дека во август лани непознати сторители ја демонтирале и ја украле надгробната плоча на неговата покојна мајка. Покрај оваа, тие тогаш украле уште шест мермерни плочи. Минарков претставката ја поднел против АД „Бутел“, како одговорно за чувањето на спомениците.
Минарков тврдеше дека е невозможно да исчезнат 6-7 надгробни плочи тешки до пола тон, без претходно крадците да биле помогнати од вработени во претпријатието. Мермерот мора да бил товаран и изнесуван со камион од капијата на гробиштата, се сомневаше Минарков, а влезот го чува чувар вработен во АД „Бутел“. Тој уште тогаш беше убеден дека тешките кражби не можеле да се случат без знаење и логистика од вработени во претпријатието.
Според МВР, корнењето на надгробните плочи на гробиштата во Ѓорче Петров се случувало во период од 4 дена, од 18-22 август, 2016. Двајцата од сторителите доаѓале кај чуварот на гробиштата, заедно демонтирале само скапи надгробни плочи, ги товарале и ги изнесувале од гробиштата. Потоа, како што пишува во пријавата, тие ги продавале кај лице во скопската населба Илинден, кое се занимавало со изработка на надгробни споменици. Крадените плочи тројцата ги продавале по 25.000 денари една.
“Парите си ги поделиле и ги потрошиле за свои потреби“, пишува во кривичната пријава. Откако случајот беше објавен во САКАМДАКАЖАМ.МК, на 27 декември лани купувачот на крадените плочи доброволно дошол во полиција. Донел 4 цели мермерни плочи и две половинки. Раскажал дека три месеци пред тоа, дошол еден од пријавените, наводно му понудил поклопни плочи, за кои рекол дека ги сменил со нови и оти стариве не му требаат. Нема информација дали и купувачот на крадените мермерни плочи ќе биде пријавен како соучесник во морбидниот бизнис.
Сквернавените надгробни споменици, наведува МВР, им се вратени на оштетените семејства на починатите.
С. К. ДЕЛЕВСКА