СТРУМИЧКИОТ СУД КРИЕЛ 2.000 ТУЖБИ ЗА НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИ, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ И НАТРУПАНИ КАМАТИ

СТРУМИЧКИОТ СУД КРИЕЛ 2.000 ТУЖБИ ЗА НЕПЛАТЕНИ СМЕТКИ, ГРАЃАНИТЕ ЌЕ ПЛАЌААТ И НАТРУПАНИ КАМАТИ„Последиците од ваквиот волунтаризам и неработење, ако тужбите во меѓувреме бидат уважени, ќе бидат на директна штета на граѓаните, без нивна вина. Она што треба да загрижува е фактот што ниедна од надлежните институции, пред сè Судскиот совет на Македонија, не ја забележал оваа појава, иако станува збор за долг временски период и за голем број предмети“, вели Народниот правобранител Иџет Мемети (Фото: СДК.МК)

Над 2.000 тужби за неплатени сметки од 2005 до 2011 што Основниот суд Струмица со години ги криел од контролите, сега им ги испорачува на граѓаните должници. Без нивна вина што судот не постапувал за овие предмети, тие ќе треба да ги платат овие заостанати сметки со каматите што се натрупале. Вкупните суми со последните испорачани тужби од овој суд се 10 до 20 пати поголеми од основниот долг, а има и такви од претпријатија кои веќе не постојат, како ЕСМ (Електростопанство на Македонија, сегашно ЕЛЕМ).

Дел од тужените граѓани на Струмица и околината веќе поднеле тужби до Врховниот суд за судење во разумен рок, дел поднеле претставки до Народниот правобранител Иџет Мемети. Но, ни едното ни другото не може да ги спаси од обврските да ги платат огромните долгови, зашто Основниот суд Струмица воопшто не ги работел овие предмети. Има и такви, вели Народниот правобранител, кои уште не знаат дека имале тужби во судот и дека сега треба да платат огромни суми поради тоа што тие тужби биле криени во фиоки.

Мемети прашува дали тие предмети воопшто биле заведени во судската архива и како е возможно да ги нема во АКМИС-от (системот за електронска распределба на судските предмети), бидејќи таму треба да се внесат сите предмети во судот, до најстариот. Потсетува и дека изигрување на АКМИС-от е кривично дело. Судскиот совет на Македонија постои од 2006, но членовите под чија контрола бил Основниот суд Струмица комплетно потфрлиле или затаиле волку голема бројка криени предмети со години.

„Последиците од ваквиот волунтаризам и неработење, ако тужбите во меѓувреме бидат уважени, ќе бидат на директна штета на граѓаните, без нивна вина. Она што треба да загрижува е фактот што ниедна од надлежните институции, пред сè Судскиот совет на Македонија, не ја забележал оваа појава, иако станува збор за долг временски период и за голем број предмети“, вели Омбудсманот Мемети.

Освен од некогашното ЕСМ, струмичани имале децениски тужби и од ВИП оператор, ЈП Македонски шуми – Беласица, Македонски телекомуникации, а според заменикот – народен правобранител Славчо Тимов, сигурно ќе има и други. Компаниите си тужеле навремено, но судиите овие предмети едноставно не ги работеле.

Во одговорот до Народниот правобранител, новата претседателка на струмичкиот суд Марина Абрашева потврдува дека во мај ги открила овие зафрлени децениски предмети, но вели дека тие судии што затаиле се во пензија, а еден од нив бил починат. Во писарницата таа нашла и стари стопански и трговски спорови, воопшто нечепнати, поради што фирми и граѓани претрпеле штети од непостапувањето.

Абрашева во дописот вели дека откриените стари предмети веќе ги распределила на судиите од граѓанскиот оддел, што во превод ќе значи дека ако станат правосилни, граѓаните на крајот ќе мора да си ги платат долговите со енормни камати, бидејќи компаниите не отпишуваат долгови зашто бељата ја направил струмичкиот суд.

Абрашева смета дека одговорот зошто овие стотици предмети не биле земени во работа и како тие станале правосилни треба да се бара кај претходните претседатели, и во начинот на организирање на работата во судот пред таа да биде избрана.

Народниот правобранител укажува и на тоа дека оние оштетени граѓани кои во меѓувреме ги платиле сметките немаат како да докажат, бидејќи копиите не ги чуваат после толку години.

С. К. ДЕЛЕВСКА

Симнете ја мобилната апликација

©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира