Затворениците ја издржуваат казната затвор во услови кои не ги задоволуваат ниту минимум предвидените стандарди, покажува годишниот извештај на Народниот правобранител за состојбата во затворите, бегалските кампови и полициските станици во земјава. Тимот на Националниот превентивен механизам во 2018 спровел 42 посети, од кои 11 на полициски станици и затвори и 31 посета во местата за сместување и задржување на мигранти и бегалци.
Од посетата на затворите во Гевгелија и во Тетово биле констатирани нехумани услови за сместување, непроветрени простории, кревети опремени со нечисти и искинати ќебиња и дотраени душеци.
„Во затворите во Гевгелија и во Тетово нема посебна просторија самица, па осудените лица на кои им е изречена ваква казна се сместуваат кај затворениците кои се во притвор. Во Тетово нема систем за сигнализација, па затворениците мораат да викаат и тропаат по вратата, а многу често од вработените не добиваат одговор. Затворите немаат службено лице од женски пол кое ќе врши претрес на притворенички“, кажа на денешната презентација на годишниот извештај Заменик-народниот правобранител Васка Бајрамовска-Мустафа.
Во однос на багалските кампови, извештајот покажува дека и понатаму продолжува праксата на неформално протерување и колективни депортации на бегалците, неинформираност на задржаните лица.
„И оваа година сериозен е проблемот во однос на постапувањето со малолетни непридружувани лица. За нив нема податоци кога ја напуштиле земјата, со кого и каде, а образложението е дека прифатните центри се од отворен тип без ограничување на слободата на движење. За нас тоа е неприфатливо, оти станува збор за ранлива група, често пати жртви на трговија и други злоупотреби“, додаде Бајрамовска-Мустафа.
Посетата на полициските станици покажала лоша инфраструктурна поставеност, недоволна информираност на полицајците од областа на азилот, слабо познавање на методите за идентификација и упатување на ранливи категории и понижувачко постапување кон лицата кои се задржуваат или се лишени од слобода, вклучително и бегалците и мигрантите.
А. АНТЕВСКА