Разрушени ѕидови и покриви, еркери во распаѓање, прозорци со искршени стакла кои во секој момент можат да паднат на улица со минувачи – дел од објектите, некои и со препознатлива стара градска архитектура, во централното градско јадро на Битола се оставени да пропаѓаат. Низ градот е голем бројот на руинирани куќи чии стопани се иселени, а за други се водат долги имотно-правни постапки.
Ситуацијата со дотраените и руинирани градби ескалира на 29 јануари, кога стар објект се сруши на паркингот кај старото седиште на ЈАТ во Битола, па уништи две возила.
Неколку дена претходно, на Широк Сокак падна дел од фасаден украс од еден од објектите. Деновиве, битолчани сведоќат дека се урнаа и делови од два други дотраени објекта.
„Во најстрог центар спроти Безистенот, има хорор објект во распаѓање на кој само пишува ‘Внимавај одрон’, а на него има балкон за кој прашање на време е кога ќе падне, низ прозорците зјае искршено стакло, тули се ронат. До објектот минуваат и пешаци и возила. Спроти него има станбен и деловен комплекс, па и таму битолчани избегнуваат да минуваат зашто од горе се ронат градежни материјали. Ако вртите околу комплексот, изложени сте на опасност од глутница кучиња“, велат граѓаните.
Од Општина Битола за САКАМДАКАЖАМ.МК соопштија дека уште пред уривањето на објектот кај ЈАТ, имале доставено известување до сопственици на 15 дотраени објекти во градот, да преземат итни мерки за ставање ознаки, заштитна ограда до остранување на опасноста или да поднесат барање за отстранување на објектот.
„Врз основа на член 50 од Законот за локална самоуправа уште во 2024 година формирана е Комисија, утвредена е фактичката состојба на 15 објекти и истата ги има испратено известувањата“, соопштија од Општината.
На нашето прашање дали било постапувано, осносно утврдена фактичката состојба на објектот што се сруши кај ЈАТ, и дали бил известен сопственикот, ни одговорија: „За конкретниот случај се води постапка од страна на надлежен орган.“
Согласно Законот за градење, сопственикот на објектот е должен да преземе итни мерки за да го означи објектот како опасен со соодветни ознаки, да постави заштитна ограда или да поднесе барање за добивање на Одобрение за отстранување до Општината. Ако објектот е под заштита, се вклучува и Управата за заштита на културното наследство. Ако сопственикот на објектот не постапи согласно со одобрението, отстранувањето ќе го изврши надлежниот орган на трошок на сопственикот.
Додека низ централното градско јадро зјаат празни куќи и градот се иселува, последниве години во поранешната касарна на ЈНА наголемо се градат згради со станови и деловни објекти. Градежните активности за изградба на хациенди стигнаа високо на ридот, скоро до Џепането, што е објект под заштита.
Ж. ЗДРАВКОВСКА




