БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ И НЕ КРЕВАЈТЕ ПАНИКА ЗА КОРОНАВИРУСОТ, АПЕЛИРА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ФИЛИПЧЕ

    БИДЕТЕ ОДГОВОРНИ И НЕ КРЕВАЈТЕ ПАНИКА ЗА КОРОНАВИРУСОТ, АПЕЛИРА МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ФИЛИПЧЕ„Доколку има некој заболен со коронавирусот, тој се спроведува по соодветен пат од Здравствениот дом во Скопје со подготвен тим до Инфективната клиника во Скопје, каде постои еден дел за изолација, односно доколку е потребен и карантин. Доколку има патници коишто треба да се опсервираат и да се пратат, за тоа се подготвени инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, како и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, по потреба“, вели министерот Филипче. (Фото: Влада)

    Министерот за здравство Венко Филипче ноќеска апелираше до граѓаните да бидат одговорни, да не шират лаги и да не креваат паника во врска со коронавирусот, откако по социјалните мрежи се проширија твитовите на универзитетската професорка Тања Каракамишева и на поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски дека Клиничкиот центар бил окупиран од борбени коли.

    Филипче, како една од засилените мерки во заштита од коронавирусот, апелираше до граѓаните доколку немаат потреба да ги одложат патувањата во северна Италија и да ги почитуваат препораките на Министерството за засилена хигиена.

    Владата денеска на седница ќе дискутира дали ќе се одложат сите посети во овој регион организирани од државни институции.

    Министерството за здравство формираше Кризен штаб по последните податоци за ширење на коронавирусот во северна Италија, каде се затворени 11 градови. Синоќа италијанските власти објавија дека како последица од компликации предизвикани од новиот корона вирус починал маж на 62 годишна возраст кој одел на дијализа. Според податоците објавени доцна синоќа, регистрирани се 219 заразени, најмногу во Ломбардија и Венето.

    На светско ниво, заразени се 79 илјади лица, од кои во Кина се 77.150 лица. Бројката на смртни случаи e над 2.600 на глобално ниво. Смртноста е и понатаму 2,3 отсто. Станува збор за општа стапка на смртност, која е поголема кај мажите отколку кај жените. Најголема е кај постарите од 80 години, кај кои смртноста е 8 отсто. За помладите од 39 години, смртноста е 0,2 отсто. Само 3 отсто од заболените се помлади од 15 години.

    Можно е да се биде заразен, а да нема симптоми. Периодот на инкубација можно е да трае и повеќе од 14 дена, сега се споменува дека може да трае од 19 до 29 дена. Од заразените, кај 81 отсто имаат блага форма на болеста, 14 отсто се сериозни случаи, а 5 отсто се критични случаи.

    Вчера попладне беа скенирани сите патници што допатуваа од Милано на аеродромите во Охрид и Скопје со редовните линии на Визер. Кај ниту еден патник не била измерена зголемена телесна температура. Еден од патниците, италијански државјанин на околу 30 годишна возраст подоцна, околу 22 часот се појавил во Инфективната клиника во Скопје оти имал стомачни проблеми. Тестирањето покажало дека тој не е заразен со новиот корона вирус.

    Патниците кои во државава ќе доаѓаат од критичните предели на северна Италија ќе се пропуштаат само на неколку гранични премини: Богородица, Блаце, Деве Баир, Ќафасан и Табановце со цел да биде поконцентрирана контролата и да има време да се организираат здравствените работници.

    Министерот Филипче рече дека е разработен посебен прашалник, кој е во рацете на граничните полицајци и царинарници, кои постапуваат според тој прашалник. Патниците се прашуваат од каде доаѓаат, дали евентуално од некој од критичните региони, дали биле во контакт со заболени, без разлика каде. Врз основа на одговорите, граничната полиција стапува во контакт со регионалниот Центар за јавно здравје или со Институтот за јавно здравје во Скопје, а понатаму доколку има некој патник, којшто би бил потенцијален пациент во смисла на појава на некои симптоми или да бил во контакт во изминатиот период се постапува согласно алгоритмот. Тоа значи дека епидемиологот го сместува тој патник во посебна просторија на граничниот сувоземен премин, каде што се прават проверките, се прави тестирањето и понатаму се постапува согласно резултатите.

    „Доколку има некој заболен со коронавирусот, тој се спроведува по соодветен пат од Здравствениот дом во Скопје со подготвен тим до Инфективната клиника во Скопје, каде постои еден дел за изолација, односно доколку е потребен и карантин. Доколку има патници коишто треба да се опсервираат и да се пратат, за тоа се подготвени инфективното одделение во Клиничката болница во Штип, како и инфективните одделенија во болниците во Велес и во Гостивар, по потреба, во зависност од тоа колку граѓани ќе треба, ако воопшто треба да се опсервираат“, кажа министерот.

    Според заклучоците од вчерашниот состанок на Управувачкиот комитет на Центарот за управување со кризи, во координација со Министерството за внатрешни работи ќе се обезбеди бројка на полицајци, кои, доколку се јави потреба, ќе ги мониторираат тие пациенти.

    На аеродромите во Скопје и Охрид, мерките се проширени и не се скенираат само патниците од Истанбул и Дубаи, туку сите патници се скенираат на местото каде што се влегува во делот за царина. Со бесконтактен пиштол за мерење на телесната температура ќе се прави скрининг на патниците кои ќе пристигнат од ризични дестинации и на аеродромот во Охрид.

    „Имаме интензивни контакти со нашиот конзул во Венеција. Засега нема податоци дека имаме заболени или под опсервација наши граѓани во Италија. Се организиравме и го замоливме конзулот, доколку постои механизам тој да биде известен ако група наши граѓани сака да се врати во нашата земја, на тој начин ќе имаме дополнителни информации каде и кога тие би се појавиле на граничните премини“, рече вчера министерот Филипче.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира