Човекот со пиштол во раката, за кој лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вели дека вечерва требало да го убие за време на протестот против францускиот предлог, е приведен во полициска станица, соопшти МВР.
Станува збор за Цуфи Кока, кој беше дел е дел од групата која околу 20 часот кај плоштадот Скендербег ги нападна со камења, шишиња и други тврди предмети демонстрантите кои маршираа од Влада до МНР кон Собранието. Според неговите објави на Фејсбук, тој е активист на Алијанса за Албанците, коалиционен партнер на ВМРО-ДПМНЕ. Брат му Зуди Енузи Кока е директор на „Комунална хигиена“, поставен од градоначалничката Данела Арсовска.
Еден час пред инцидентот, Кока на својот фејсбук профил објавил порака во која од името на партијата Алијанса на Албанците повикува на мирни протести и го осудува вандализмот, говорот на омраза и навредите кон Албанците. На насловната фотографија на неговот фејсбук профил, тој е сликан со лидерот на опозициската Алијанса на Албанците, Зијадин Села.
Одговарајќи на новинарско прашање за политичката припадност на приведениот, Мицкоски на вечерашната прес-конференција рече дека не го интересира дали е член или не на Алијанса за Албанците и побара да не се политизира работата.
„Да не ја политизираме работата. Да бидеме над политиката и да бидеме над оние политичари кои повикуваа на етнички тензии. Дали е член или не е, не ме интересира. Овој човек стори криминал, впери пиштол кон народ и треба да одговара“, рече Мицкоски.
Од полицијата за инцидентот соопштија:
„Приведено лицето кое пукаше со пиштол спроти споменикот Скендербег. Вечерва во 20.10 часот пред банка спроти споменот Скендербег, полициски службеници од СВР Скопје го лишија од слобода Е. Ј.(40) од Скопје, кој претходно испукал со пиштол во воздух, додека група демонстранти, кои се движеле на потегот од Владата на Република Северна Македонија кон Министерството за надворешни работи, го нарушиле јавниот ред и мир со фрлање со камења кон група граѓани. Е. Ј. е приведен во полициска станица, а на местото се пронајдени чаури. По документирање на случајот против него ќе биде поднесен соодветен поднесок“.
Пратеникот и портпарол на СДСМ Дарко Каевски на прес-конференција веднаш по онаа на Мицкоски кажа дека инцидентот кај плоштадот Скендербег е смислено крваво сценарио на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, Левица и Алијанса за дестабилизација и инсценирање на меѓуетнички судир во земјава. Тој кажа дека Кока бил главен за кампањата во Чаир на градоначалничката на Скопје Данела Арсовска поддржана од ВМРО-ДПМНЕ
По повеќеминутно фрлање со камења, шишиња и тврди предмети кон демонстрантите од плоштадот Скендербег, дојдоа полициски специјалци и ги потиснаа лицата кон Старата чаршија, при што беше спречен меѓуетнички инцидент, а поворката демонстранти продолжи кон Собранието.