ИЗГРАДИЛ ДИВОГРАДБА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ВО СКОПСКО ДРАЧЕВО, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ДОНЕЛА РЕШЕНИЕ, НО ДВЕ ГОДИНИ НЕ ЈА УРИВА ОТИ НЕ Е ЗАВРШЕН ТЕНДЕРОТ ЗА ФИРМА ЗА УРИВАЊЕ

    ИЗГРАДИЛ ДИВОГРАДБА НА ДРЖАВНО ЗЕМЈИШТЕ ВО СКОПСКО ДРАЧЕВО, ОПШТИНА КИСЕЛА ВОДА ДОНЕЛА РЕШЕНИЕ, НО ДВЕ ГОДИНИ НЕ ЈА УРИВА ОТИ НЕ Е ЗАВРШЕН ТЕНДЕРОТ ЗА ФИРМА ЗА УРИВАЊЕОбјектот е изграден е на државно земјиште, на кое според важечкиот Детален урбанистички план е предвидено изградба на сервисна и пешачка улица. (Фото: СДК.МК)

    На државно земјиште во скопската населба Драчево е изграден објект дивоградба, но иако има решение Општина Кисела Вода две години не го урива.

    Граѓанин преку алатката на САКАМДАКАЖАМ.МК Пријави корупција достави документи за бесправната градба, за која институциите не постапуваат.

    Објектот се наоѓа во населбата Драчево на улицата Бранко Заревски бб во близина на пазарот. Изграден е на државно земјиште, на кое според важечкиот Детален урбанистички план (ДУП) е предвидено изградба на сервисна и пешачка улица. Како што се наведува во пријавата, објектот почнал да се гради кон почетокот на 2023 година. Веднаш по почетокот на градежните работи, на 24 април 2023 е доставена пријава во Општина Кисела за нелегалната градба.

    Објектот е во напредна фаза на градба односно се поставува покривна бетонска плоча. Објектот се гради на парцела 10870/1 која, според податоците на Катастар односно имотниот лист на парцелата бр.69886, е во сопственост на Република Македонија и се води како земјиште под инфраструктурни објекти. Според важечкиот ДУП, таа парцела е дел од пешачка и пристапна патека која треба да служи за нормално функционирање на објектите кои се наоѓаат на задната страна на деловниот центар, а за која веќе подолго време доставуваме иницијатива да се изгради“, се вели во пријавата која граѓанин ја испратил до Општина Кисела Вода.

    Одговор од Општина Кисела Вода е даден за 10 дена, на 4 мај 2023, во кој стои дека објектот е дивоградба и треба да се урива.

    Од страна на овластениот градежен инспектор на Општина Кисела Вода извршен е увид на лице место на посочената локација и е констатитано дека се гради деловен објект. За истиот инвеститорот не поседува одобрение за градење. Поради тоа, поведена е инспекциска постапка и е донесено решение за отстранување на градбата број ИП1 22-11 од 04.05.2023“, се вели во официјалниот одговор од Општина Кисела Вода.

    Но, од донесувањето на решението за уривање се поминати две години, а објектот не е урнат туку во моментов тој е целосно изграден. Има поставено фасада и потребни приклучоци.

    Во меѓувреме, бидејќи Општината не постапува, на 21 март 2024 испратено е барање за да се спроведе вонреден инспекциски надзор до Државниот управен инспекторат, а на 1 април 2024 испратена е пријава до Општина Кисела Вода во која се наведува дека и покрај решението за уривање, никој не постапува и дивоградбата слободно се гради.

    На 3 април 2024, од Општина Кисела Вода одговориле на пријавата дека во тек е постапка за извршување на донесеното решение.

    Одговор дека станува збор за дивоградба е издаден и од Државниот управен испекторат на 15 април 2024.

    Но, објектот и понатаму не се урива, по што случајот е пријавен и во Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам.

    САКАМДАКАЖАМ.МК испрати прашања до Општина Кисела Вода зошто иако постои решение за уривање објектот две години не се руши. Од таму ни одговорија дека чекаат да заврши тендерот за избор на фирма за отстранување на бесправно изградени објекти.

    Инспекциските служби на Општина Кисела Вода веќе имаат издадено решение за уривање на нелегалниот објект на посочената локација. Општината води доследна и неселективна борба против дивоградбите, која ја докажавме со уривање и на дивоизградени индустриски капацитети, а и овој случај не претставува исклучок. Во моментов е во тек постапка за јавна набавка за избор на оператор за уривање. Додека процесот се финализира, правните постапки се целосно завршени, а согласно законските процедури, постои можност лицето кое го изградило нелегалниот објект да го отстрани самостојно. Доколку тоа не се случи, Општина Кисела Вода ќе пристапи кон уривање на објектот, а трошоците за оваа активност ќе бидат наплатени од одговорното лице“, велат од Општина Кисела Вода.

    А. АНТЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира