ПОРАНЕШНИ „ЗЛАТНИ СЛАВЕЈЧИЊА“ ЈА ИСПЕАЈА „ГРАДОТ УБАВ“ ВО ЧЕСТ НА 88. РОДЕНДЕН НА МАЕСТРО ЏАМБАЗОВ ВО ДЕБАР МААЛО

    ПОРАНЕШНИ „ЗЛАТНИ СЛАВЕЈЧИЊА“ ЈА ИСПЕАЈА „ГРАДОТ УБАВ“ ВО ЧЕСТ НА 88. РОДЕНДЕН НА МАЕСТРО ЏАМБАЗОВ ВО ДЕБАР МААЛОПрославата на роденденот ја организираа неговиот син Игор Џамбазов и Општина Центар. (Фото: К. Попов)

    Дваесет и една поранешна членка на хорот „Златно славејче“ денеска во скопско Дебар Маало ја изведоа „Градот убав“, химната на омилениот детски фестивал, во чест на 88. роденден на Александар Џамбазов, кој почина пред две години. Маестро Џамбазов беше иницијатор на фестивалот „Златно славејче“ и негов долгогодишен диригент,  па затоа и настапија поранешните „славејчиња“ и „развигорчиња“, под диригенство на Запро Запров.

    Настапија и пијанистката Марија Ѓошеска и виолинистот Теодор Трајковски, а во живо и Билјана Дамјановска-Јанчевска ја изведе „Еј, гулаби, гулаби бели“, песната од 1972.

    Прославата на роденденот ја организираа неговиот син Игор Џамбазов и Општина Центар.

    „Има повеќе од 50 години како што започна легендарното ‘Златно славејче’, помладите не ни знаат дека и јас сум пеел на фестивалот. Покрај што сум играл во црно-бели филмови, сум пеел и на ‘Златно славејче’. Маестро Џамбазов цел живот викаше дека живее во нечија сенка. Велеше: ‘Што сум јас? Прво бев зет на Петре Прличко, па маж на Анче Џамбазова, па татко на Игор и Тања. Што сум јас бе, синко?’. Јас му велев: ‘Ти си маестро, маестро Џамбаз“, кажа Игор Џамбазов.

    На прославата беше промовирана и книгата посветена на Џамбазов „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата“, од музиколозите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски, во издание на „Арс ламина“. (Фото: К. Попов)

    Игор Џамбазов заедно со уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка го нацртаа препознатливиот знак на „Златно славејче“, виолински клуч, на муралот на куќа во Дебар Маало и со тоа кажаа дека муралот е конечно завршен.

    На прославата беше промовирана и книгата посветена на Џамбазов „Чичко маестро Џамбаз, во светот на децата“, од музиколозите Бранка Костиќ-Марковиќ и Марко Коловски, во издание на „Арс ламина“.

    Игор Џамбазов заедно со уметниците уметниците Драган Китановски-Драш и Марјан Димиќ-Мачка го нацртаа препознатливиот знак на „Златно славејче“, виолински клуч, и со тоа, кажаа дека муралот е конечно завршен. (Фото: К. Попов)

    „Книгата е збирка детски песни наменета за деца од предучилишна и училишна возраст, во која изборот е направен од страна на самиот автор, познатиот македонски композитор и диригент Александар Џамбазов. Тој во периодот од 2014 до 2016 во соработка со авторот на нотографиите, музикологот Марко Коловски, издвоил 52 песни, своевидни детски евергрини за сите генерации. Насловот на збирката не е случаен. Јас како негово поранешно ‘славејче‘, солистка на фестивалот Златно славејче и хористка на детскиот хор ‘Развигорче‘, кој беше редовна хорска придружба на фестивалот, живо паметам дека ние Александар Џамбазов, диригентот кој со љубов стоеше пред нас на настапите во живо во Универзалната сала, од милост си го викавме чичко Џамбаз или чичко маестро Џамбаз. А, тој возвратно, на шега, нѐ нарекуваше златни гавранчиња. Затоа, оваа публикација ми е особено драга и во таа смисла посебно сум му благодарна на мојот колега, музикологот Марко Коловски, што ми ја укажа довербата заедно да работиме“, кажа Костиќ-Марковиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира