РАБОТИМЕ СО НАШИТЕ ЕВРОПСКИ ПАРТНЕРИ МНОГУ БРЗО ДА СЕ СЛУЧИ ВАШАТА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА, КАЖА ЕСКОБАР

    РАБОТИМЕ СО НАШИТЕ ЕВРОПСКИ ПАРТНЕРИ МНОГУ БРЗО ДА СЕ СЛУЧИ ВАШАТА ЕВРОИНТЕГРАЦИЈА, КАЖА ЕСКОБАРСеверна Македонија културно, историски и сè повеќе економски е дел од Европа и вие треба да имате свое место на масата, вели Ескобар. - Ескобар и амбасадорката Брнз (Фото: Ѓ. Личовски)

    Заменик помошникот на Државниот секретар на САД за Западен Балкан Габриел Ескобар вели дека американската влада дава силна поддршка за брза евроинтеграција на Северна Македонија и работи со нивните европски партнери да обезбеди тоа да се случи многу брзо.

    „Сакам да ја изразам силната поддршка на нашата администрација за брза евроинтеграција на Северна Македонија и ние работиме со нашите европски партнери да обезбедиме тоа да се случи многу брзо. Мислам дека сите може да се согласиме дека Северна Македонија културно, историски и сè повеќе економски е дел од Европа и вие треба да имате свое место на масата. Ние ќе продолжиме да ги поддржуваме вашите напори да покажете флексибилност во процесот на интеграција и во спроведувањето на натамошните реформи тоа да стане реалност. Дополнително, истражуваме можности за зајакнување на водечкото место на Северна Македонија во меѓународните односи за да најдеме решение за прашањата кои се предизвик за алијансата и за регионот на Балканот и Европа во целост. Се надеваме и дека ќе најдеме начини да ги продлабочиме нашите веќе одлични односи“, изјави Ескобар на заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

    Претходно, Ескобар се сретна и со претседателот Стево Пендаровски, од чиј кабинет соопштија дека двајцата разговарале за севкупните билатерални односи помеѓу Република Северна Македонија и САД, како и за состојбите во регионот.

    Пендаровски му се заблагодарил на Ескобар за поддршката на американската администрација, и лично на заменикот помошник Државен секретар, во однос на потребата за напредокот на земјите од регионот кон ЕУ.

    За време на неговата денешна посета на Скопје, Ескобар ќе се сретне и со премиерот Зоран Заев.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира