СО ЕСТОНИЈА ЌЕ ВИ ПОМАГАМЕ ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ЕУ ЗАТОА ШТО СТАБИЛНА МАКЕДОНИЈА Е АМЕРИКАНСКИ ГЕОСТРАТЕШКИ ИНТЕРЕС, ВЕЛАТ ОД АМБАСАДАТА НА САД

    СО ЕСТОНИЈА ЌЕ ВИ ПОМАГАМЕ ДА ВЛЕЗЕТЕ ВО ЕУ ЗАТОА ШТО СТАБИЛНА МАКЕДОНИЈА Е АМЕРИКАНСКИ ГЕОСТРАТЕШКИ ИНТЕРЕС, ВЕЛАТ ОД АМБАСАДАТА НА САДЛогото на проектот ги содржи испреплетени боите на знамињата на Естонија, САД, Македонија и ЕУ - (Фото: СДК.МК)

    Демократска и просперитетна Северна Македонија е од геостратешки интерес на САД, велат од Американската амбасада во Скопје во одговорот на нашето прашање зошто влегуваат заедно со Естонија во проект за поддршка на Северна Македонија во евроинтеграцискиот процес.

    Првата фаза од овој проект почнува од следната недела и се фокусира на дигитализација и напори преку е-влада да се промовира добро владeење и економски раст. Станува збор за заеднички проект на Американската амбасада во Скопје, Естонскиот центар за меѓународна соработка (ЕСТДЕВ) и Секретаријатот за европски прашања (СЕП) на Владата на Северна Македонија, кои лансираат „трипартитно партнерство“ за обезбедување техничка поддршка и помош од Естонија и нејзините ефикасни институции за поддршка на целокупниот развој на Северна Македонија и нејзините цели за зачленување во Европската унија.

    „Демократска и просперитетна Северна Македонија е од геостратешки интерес на САД. САД се надеваат да негуваат односи меѓу двете земји кои настрана од дигитализацијата ќе ѝ дадат на Владата на Северна Македонија извор на совети и насоки додека продолжува со правењето реформи. Оваа иницијатива може да обезбеди основа за двете земји да соработуваат во други клучни сектори, како што се младите, цивилното општество и приватниот сектор“, се вели во одговорот од Американската амбасада.

    „Дигитализацијата, ако се имплементира исправно, може да донесе огромна корист за земјата, не само за обезбедување на пристапни владини услуги. Дигитализацијата промовира фер третман и транспарентност и е докажана ефективна алатка во борбата против корупцијата. Естонија се соочуваше со истите транзициски предизвици во 1990-те како што Северна Македонија се соочува денес и преку ЕСТДЕВ може да ги аплицира научените лекции од нејзиниот реформски пат на актуелната ситуација тука“, објаснуваат од Американската амбасада зошто се фокусирани проектот да почне токму со дигитализација.

    На прашање зошто е избрана Естонија, од Американската амбасада одговараат дека тоа е поради тоа што во 1990-те Естонија се соочуваше со слични предизвици како Северна Македонија денес.

    „Одлив на мозоци, корупција и внатрешни етнички поделби беа сериозни предизвици за аспирациите на земјата за членство во ЕУ и НАТО, како и за целокупната стабилност во регионот. Земјата успешно ги надмина овие проблеми и денеска важи за успешна приказна и модел за други земји кои поминуваат низ слични транзиции. Естонија е слична по големина со Северна Македонија и се соочуваше со внатрешни поделби долж етничките линии кои се закануваа да ја поткопаат безбедноста на земјата. Естонија имаше ниска јавна доверба, страдаше од значително иселување и се мачеше во борбата против корупцијата. Денеска се смета за успешна приказна во ЕУ, бидејќи е една од најдигитализираните земји во светот, стабилен НАТО партнер со висока доверба на јавноста и значително подобрена етничка кохезија“, велат од амбасадата.

    18-месечната почетна фаза од проектот, кој официјално ќе почне во Скопје на 24 септември, е финансиран преку грант од 250.000 долари од САД и 100.000 долари од Естонија.

    Експерти од Естонија уште идната недела ќе дојдат во земјава.

    САД се загрижени и сметаат дека блокадата за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија (ЕУ) ги загрозува геостратешките интереси за безбедност на регионот и Југоисточна Европа. Тие, како земја што не е членка на ЕУ бараат начин деблокадата да се изведе со европска земја-партнер која цврсто ќе застане зад Македонија во Унијата. Ова, особено откако не успеа ангажманот на Германија за време на нејзиното претседавање со ЕУ минатата година да го деблокира проширувањето. Впечатокот на САД е дека иако сите европски земји, освен Бугарија, декларативно, а некои и со конкретни потези го поддржуваат членство на Македонија, сепак ниту една од нив  не се зафатила отворено да ја поддржува и да ја застапува во институциите на ЕУ, како на пример што беше случајот со Германија и Хрватска од 1990-те.

    Загрижувачки е и тоа што во Македонија по бугарското вето е падната поддршката за ЕУ на околу 50% со страв дека може да се приклонуваат кон други интереси.

    М. ИЛИОСКИ

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира