САД ЌЕ ЈА УРИВААТ БУГАРСКАТА БЛОКАДА ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ СО ПОМОШ НА ЕСТОНИЈА

    САД ЌЕ ЈА УРИВААТ БУГАРСКАТА БЛОКАДА ЗА МАКЕДОНИЈА ВО ЕУ СО ПОМОШ НА ЕСТОНИЈАСАД не се членка на ЕУ и затоа бараат начин деблокадата да се изведе со европска земја-партнер која ќе застане зад Македонија во Унијата - Знамињата на Естонија, САД и НАТО. (Фото: Амбасада на САД во Талин)

    САД ќе започнат со нов напор за деблокада на евроинтеграцискиот процес на Македонија, а партнер во тоа ќе биде Естонија, дознава САКАМДАКАЖАМ.МК од дипломатски извори. Имено, САД се загрижени и сметаат дека под итно треба да се тргне бугарската блокада за почеток на преговорите на Македонија со Европската унија (ЕУ), оти ги загрозува геостратешките интереси за безбедност на регионот и Југоисточна Европа.

    САД не се членка на ЕУ и затоа бараат начин деблокадата да се изведе со европска земја-партнер која ќе застане зад Македонија во Унијата, или како што велат дипломатите, „Некој што ќе вози, а вие ќе седите на задното седиште, но заедно ќе го одите истиот пат“. Поддршката би била со низа проекти за Македонија во различни области за приближување кон ЕУ стандардите, спонзорирани од САД и Естонија.

    Ова, особено откако не успеа ангажманот на Германија за време на нејзиното претседавање со ЕУ минатата година да го деблокира проширувањето. Впечатокот на САД е дека иако сите европски земји, освен Бугарија, декларативно, а некои и со конкретни потези го поддржуваат членство на Македонија, сепак ниту една од нив  не се зафатила отворено да ја поддржува и да ја застапува во институциите на ЕУ, како на пример што беше случајот со Германија и Хрватска од 1990-те.

    Исто така, загрижувачки е и тоа што во Македонија по бугарското вето е падната поддршката за ЕУ на околу 50% со страв дека може да се приклонуваат кон други интереси.

    За САД, блокадата со ветото на Бугарија е неодржлива од две причини. Прво, го засега геостратешкиот интерес на САД за стабилен Балкан и на регионалното крило на НАТО. Второ, НАТО не може да си дозволи уште еден отворен конфликт меѓу свои две земји членки, како што е спорот меѓу Грција и Турција. Блокадата на Бугарија во ЕУ е различна од онаа за спорот со името на Грција, оти сега и Македонија и Бугарија се членки на НАТО и нов спор не е од геостратешки интерес на алијансата.

    Иако поприродно би било оваа американска иницијатива да се турка преку две балкански земји, како Хрватска и Словенија, на пример, САД процениле дека на Балканот има премногу емоции и заедничка историја што би ги отежнале напорите за деблокада на процесот за влез на Македонија во ЕУ.

    САД ја избрале балтичката држава Естонија, како стратешки партнер поради сличности со Македонија. Таа е речиси со иста големина на Македонија, помалубројна по жители, но исто така мултинационална држава со значително бројно малцинство (во земјата 67% зборуваат естонски како мајчин јазик, скоро 30% руски, а 3% други јазици) и млада демократија која независноста од Русија ја прогласила на 6 септември 1991.

    Естонија е добар пример за земјите што по 1990-тите направи успешна транзиција по влезот во НАТО и ЕУ во 2004. Таа се истакнува со позитивните искуства особено во изградбата на дигитално општество – 99% од јавните служби се достапни на Интернет 24 часа на ден, а во 2005 стана прва земја во светот која го воведе задолжителното онлајн гласање на локалните избори.

    „САД и Естонија имаа долга историја на пријателство и соработка за промоција на трансатлантската безбедност, економскиот растеж и споделените демократски вредности“, се вели во честитката на Амбасадата на САД во Талин по повод изборот на новата естонска влада во јануари годинава.

    Најава за некаков вид бајпасирање на бугарската блокада со стратешко партнерство со земји од ЕУ најави и вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров, по разочарувањето од ветото на Бугарија. Тој во мај годинава кажа дека не смееме да се откажеме од евроинтеграциите и во интервју за ТВ Сител рече дека „има логика предлогот на претседателот Пендаровски за поинтензивна соработка со САД, кои се наш стратешки партнер кој покажал дека можеме да се потпреме на нив, а кои имаат слични или компатибилни интереси со нашите за тоа како да одиме напред“.

    Димитров тогаш спомена дека треба да имаме билатерални партнерства со земји членки на ЕУ во области коишто се посебно од нивен интерес, а како пример ги посочи Холандија и Естонија.

    „Владеење на правото е врвен принцип во Холандија. Почнале пристапен процес или не почнале, партнерски однос со Холандија токму во оваа област ќе биде од корист за нашите граѓани. Или со Естонија имаме разговори за процесот на дигитализација кој истовремено е процес за борба против корупција, бидејќи се е транспарентно“, рече Димитров.

    Тој на 7 мај годинава беше во Талин, на средба со естонската министерка за надворешни работи Ева-Марија Лимец. Таа тогаш изјави дека „проширувањето на ЕУ е витална геостратешка инвестиција за европска сигурност и просперитет“.

    Во соопштението што беше објавено по средбата, таа изразила подготвеност за споделување на успешното естонско евроинтегративно искуство.

    М. КОСТОВА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира