СОБРАНИЕТО ЈА ИЗБРА ВЛАДАТА НА КОВАЧЕВСКИ

    СОБРАНИЕТО ЈА ИЗБРА ВЛАДАТА НА КОВАЧЕВСКИЛегитимитетот на владата е неспорен во следните 2,5 години, избори ќе има во 2024 година, вели новиот премиер Ковачевски. (Фото: К. Попов)

    Со 62 гласа „за“ и 46 „против“, Собранието ја избра новата влада, на чело со премиерот Димитар Ковачевски.

    Фатмир Битиќи е вицепремиер за економски прашања, Бојан Маричиќ вицепремиер за евроинтеграции, Славица Грковска вицепремиер за борба против корупцијата, Славјанка Петровска министерка за одбрана, Оливер Спасовски министер за внатрешни работи, Никола Тупанчевски министер за правда, Љупчо Николовски министер за земјоделство, Јована Тренчевска министерка за труд и социјала, Бисера Костадиновска-Стојчевска министерка за култура, Благој Бочварски министер за транспорт и врски.

    Министер за образование и наука ќе биде Јетон Шаќири, досегашниот министер за информатичко општество и администрација. Прв вицепремиер за политички систем останува Артан Груби, како и останатите министри од  ДУИ, на непроменети позиции. Министер за локална самоуправа останува Горан Милевски од ЛДП.

    Уште три нови имиња влегоа во Владата, а тоа се на местата на Алтернатива. За здравство ќе биде Беким Сали, за информатичко општество Адмирин Алити и Џемаил Чупи без ресор, за дијаспората.

    Вчера Ковачевски ја презентираше во клучните поенти Програмата за работа на Владата, колку што му дозволува ограниченото време за дискусија според собранискиот Деловник, а пратениците, кои една недела ја имаат пред себе програмата на Ковачевски, не прашуваа ништо во врска со неа. Два дена опозицијата зборуваше за експремиерот Зоран Заев и за легитимитетот на новата влада. Сите дискутанти побараа предвремени избори.

    Пратениците од власта прашуваа зошто опозицијата сега ги поистоветува локалните избори со парламентарни, а овие одговараа дека не тие, туку експремиерот Зоран Заев ги поистовети, со тоа што вети, а потоа и си даде оставка поради поразот на локалните.

    За парламентарната опозиција Ковачевски нема мандат да биде ниту мандатар за нова влада, ниту премиер, зашто не бил учесник во изборниот процес. Според нив, со оставката на Заев требало да се распушти Парламентот, да се оди на избори за освојување ново мнозинство, па дури потоа евентуалниот победник да стане мандатар и да предлага влада.

    На ова пратениците од власта повлекуваа паралели со неуспехот на ВМРО-ДПМНЕ не со нов, туку исто така со актуелниот пратенички состав, да направи ново мнозинство со Левица и со Алијанса/Алтернатива, ама не успеа.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира