ТЕХНИЧКИОТ ДИРЕКТОР НА МНТ ПЛИВАЛ ВО ПОПЛАВЕНИОТ ПОДРУМ ЗА ДА ЈА ИСКЛУЧИ СТРУЈАТА (ФОТОГАЛЕРИЈА)

    ТЕХНИЧКИОТ ДИРЕКТОР НА МНТ ПЛИВАЛ ВО ПОПЛАВЕНИОТ ПОДРУМ ЗА ДА ЈА ИСКЛУЧИ СТРУЈАТА (ФОТОГАЛЕРИЈА)Оштетените ѕидови од водата што тече од проодната тераса на североисточниот дел од првиот кат. (Фото: К. Попов)

    Техничкиот директор на Македонскиот народен театар (МНТ) Гунтер Кубе, буквално пливал во вода до појасот за да стигне до осигурувачите во подрумот и да ја исклучи струјата, кога театарот на крајот на август беше поплавен по обилните дождови.

    Објектот  во центарот на Скопје, како дел од проектот „Скопје 2014“ беше отворен во 2013, и чинеше 40 милиони евра.

    Кубе за САКАМДАКАЖАМК.МК споделува детали од акцијата ноќта на 30 август, откако надојдената вода како река од булеварот Гоце Делчев го скршила прозорецот од северната страна која гледа кон Кале и го поплавила театарот.

    Разводната табла е на незгодно место, треба да се помине низ вода, за да се симнат осигурувачите, што е неверојатен пропуст, вели Кубе. (Фото: К. Попов)

    „Има решетки на отворите за да има дневна светлина во сутеренските простории, но не се добро решени. Штом се полнат со вода, технички не е добро направено. Водата ја исполнила просторијата и од вратата имаше мало дупче од каде прскаше млаз до ѕидот во ходникот. Што значи, имаше огромен притисок, па со кајла ја отворавме за да пушти малце за да истече водава. Како на подморница, ко на филм, да не му се верува на човек дека среде центар тоа може да се случи“, раскажува Кубе.

    Дел од водата ја исфрлале накај вратите во ходниците, а дел одела надолу. Како течела водата низ скалите, по ред поплавила дел од фундусот, сосе костими, обувки и сценографија од стари претстави, од кои дел биле со музејска вредност, но се оштетиле и за жал морале да ги фрлат. Таму се и сценската јама и малата сцена. Водата течела од сите страни и стигнала до најниската точка каде нема никаков отвор.

    Водата навлегла од прозорецот на северната страна. На металните ормани има дамки од кои се гледа до каде имало вода. (Фото: К. Попов )

    „Секоја вода стига тука. За среќа, стигна до ниво кое не ги оштети опремата, ни механиката, ни електрониката. Потоа видовме дека уште еден прозорец е скршен, и поплавен беше и делот за Оркестарот. Ги повикав луѓето со кои работам, беше опасна ситуацијата. За жал, разводната табла е на незгодно место, треба да се помине низ вода, за да се симнат осигурувачите, што е неверојатен пропуст. Друга опција ни беше да одиме во Музејот на македонската борба, оти таму ни е трафостаницата, но тоа беше навечер, таму имаше само служба за обезбедување. Ѕвоневме во ЕВН, не креваа слушалка. Како се нафатив? Така, немаше друго чаре“, вели техничкиот директор.

    Водата ја поплавила и Малата сцена, имало вода до втората скала. Трибините се шупливи, водата оди до крај кога ќе се наполни и потоа се слевала по сцената, каде што има звучници, инсталација, сето тоа било поплавено. Среќа во несреќа е, вели тој, што сценскиот под не се крена.

    Веќе 5 години има завеса која ја крие огромната кофа врз кадифениот килим. (Фото: К. Попов)

    „Ноќта доде војската, беа зафатени со санација по поплавата во Ист гејт, па дојдоа тука. Се изнамачија луѓето, оти тие пумпи не се за ваква работа, ама помогнаа. На крај дојдода две екипи од Водовод, со пумпи со притисок и ни викаат: ‘Па на вас не ви требаат пумпи за притисок’. Ние им викаме: ‘Не ни побаравме ние такви пумпи’. Тие дојдоа со цистерна која протуркува нешто, а ние се поплавивме. Па дојде друга екипа, и ни рекоа: ‘А не, на вас ви треба трета екипа’. Ние се поплавивме во четврток, тие во вторникот се јавија да дојдат“, вели Кубе.

    Уште две недели ја црпеле водата од двете страни. Морале да го извадат килимот, оти почнал да мириса и сега подот е оштетен.

    „Внатре има и стаклена волна, таа е нацицана со вода, таа не е чиста вода. Сега дури и помалку мириса отколку што очекувавме“, рече директорот.

    Дамки од исушена вода на влезот на театарот. (Фото: К. Попов)

    Од подрумот во МНТ, се качивме до влезот на Театарот, каде веќе 5 години има завеса која ја крие огромната кофа врз кадифениот килим. Кофата ја собира водата што тече од проодната тераса на североисточниот дел од првиот кат, поточно,  терасата кон Музејот на холокаустот. Лани во јули, Министерството за култура најави дека ќе даде 1.2 милиони денари (околу 20.000 евра) за санација на терасата.

    Но, градежната фирма не ги испочитувала договорите кои биле потпишани со институцијата, не ги испорачала ниту стандардите ниту квалитетот, и затоа во тек е судски спор со Театарот, а парите се вратени во буџетот.

    Кофи има скоро низ целиот Театар. (Фото: К. Попов)

    „Од тој плафон  паднаа лустерите, тоа е како расипан заб, само се шири и се шири. Почнавме со мали кофи, па среќа ја најдовме најголемата кофа што ја имавме како сценски декор и таа ја ставивме“, вели Кубе. Тој додава дека проблеми почнуваат да се јавуваат и на другата страна од објектот, иако е јужна страна и полесно се дренира и се суши водата.

    „Тоа што го имаме на северната, ќе се појави и на јужната страна“, рече Кубе.

    Во декември 2017, тогашниот министер за култура Роберт Алаѓозовски најави дека изведувачите, надзорните органи и стручните служби во Министерството за култура и во други министерства ќе понесат одговорност за неквалитено градење на Македонскиот народен театар (МНТ) и во Археолошкиот музеј. Тој рече и дека Министерството за култура ќе истражува кој и зошто не ги извел квалитетно градежните работи и ќе поднесе тужби за сите ситуации каде што функционирала криминалата мрежа на нестручно градење објекти.

    Малата сцена била целата поплавена. (Фото: К. Попов)

    Алаѓозовски тогаш најави формирање на подкомисија на работната група на „Скопје 2014“ која ќе се состои од градежни и машински инженери, како и од архитекти, кои треба да утврдат колку се безбедни тие објекти.

    Оттогаш, во Министерството за култура дојда уште четворица министри, Асаф Адеми, Хусни Исмаили, Ирена Стефоска и актуелната министерка Бисера Костадиновска-Стојчевска, но никој од нив не излезе со извештај за безбедноста на културните објекти од „Скопје 2014“.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира