СЀ ДОДЕКА НАШИТЕ ПОТРЕБИ САКАМЕ ДА ГИ ОСТВАРИМЕ ПРЕКУ СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА, ТИЕ ЌЕ НЀ БРКААТ ОД СОБА И ЌЕ БИДАТ НЕСРЕЌНИ – ПОДКАСТ СО ПСИХОЛОГОТ ИВАН ХРИСТОВ

    СЀ ДОДЕКА НАШИТЕ ПОТРЕБИ САКАМЕ ДА ГИ ОСТВАРИМЕ ПРЕКУ СОПСТВЕНИТЕ ДЕЦА, ТИЕ ЌЕ НЀ БРКААТ ОД СОБА И ЌЕ БИДАТ НЕСРЕЌНИ – ПОДКАСТ СО ПСИХОЛОГОТ ИВАН ХРИСТОВПсихологот Христов смета дека родителите треба да работат на својата компетентност, а не исклучиво на авторитетот, бидејќи денешните деца почитуваат само компетентни луѓе. (Фото: СДК.МК)

    Психологот Иван Христов, гешталт-психотерапевт под супервизија, во едночасовниот подкаст „За секого по нешто“ зборува за причините – како се случи децата и младите во Македонија да се несреќни и некомуникативни и оддалечени од родителите.

    „Живееме во различни светови и некако не се сретнуваме ние со децата на вистински начин. Ние ги гледаме, ги прашуваме, зборуваме со нив, меѓутоа не сме во нивниот свет“, вели тој.

    Го прашуваме: „Како да се справиме со тоа: Излези од соба, не ми се збори? Како да го пробиеме тој оклоп што го изѕидало секое дете околу себе?“.

    „Не да го пробиваме тоа! Треба да ја почитуваме границата на детето. Прашањето е зошто се почесто е тоа ‘Излези те молам од мојата соба, остај ме!’. Прашањето е што се случило за да имам потреба јас да го нарушувам просторот на детето, а тоа да ме брка од неговиот простор?“, поттикнува и дава драгоцени совети искусниот психотерапевт кој работи со деца и млади.

    Подкастот со психологот Иван Христов можете да го видите тука:

    Христов предупредува дека родителите воспитани во друг систем каде колективното е многу важно, треба да престанат да се занесуваат дека тоа можат да им го наметнат на денешите деца. И не може да мислат: Јас сум најважниот. Денеска детето има родител кој смета дека е многу битен, и се бори притоа да докаже дека и тоа како дете е многу важно.

    Одговара потврдно дека денеска им треба едуцирање на родителите, особено на оние кои ги дрма т.н. „петкоманија“.

    Според Студијата за однесувањата поврзани со здравјето на децата на училишна возраст (11, 13 и 15 години) во Македонија, чиј истражувач и аналитичар е Христов, секое трето девојче на 15 години во Македонија (31 отсто) изјавува дека е осамено, a секое второ девојче на истата возраст вели дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден во текот на две или повеќе недели, што прекинала да ги прави вообичаените активности. Чести нерасположенија речиси секојдневно, во последните шест месеци, пријавиле 57 отсто од девојчињата на 15 години, а од психосоматски тегоби истовремено повеќепати неделно во последните шест месеци како болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат дури 6 од 10 девојчиња на 15 години.

    Кога живееме во свет на правење пари, менталното здравје е цената на тоа, вели соговорникот, од чиј подкаст е навистина тешко да се издвои што е најважно од тоа што го зборува.

    И да, полека со забраните на децата за користење мобилни телефони, таму се деловите од нивната личност, а им ја смирува и анксиозноста, советува психотерапевтот Христов. Смета дека родителите треба да работат на својата компетентност, а не исклучиво на авторитетот, бидејќи денешните деца почитуваат само компетентни луѓе. Како на училиште, така и дома.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира