СТАНАВМЕ ПЕНЗИОНЕРСКИ ГРАД, МЛАДИТЕ СЕ ПИШУВААТ БУГАРИ И ЗАМИНУВААТ СО БУГАРСКИ ПАСОШИ, ВЕЛАТ ГЛАСАЧИТЕ ВО БИТОЛА СО НАДЕЖ ДА ЗАПРЕ ИСЕЛУВАЊЕТО

    СТАНАВМЕ ПЕНЗИОНЕРСКИ ГРАД, МЛАДИТЕ СЕ ПИШУВААТ БУГАРИ И ЗАМИНУВААТ СО БУГАРСКИ ПАСОШИ, ВЕЛАТ ГЛАСАЧИТЕ ВО БИТОЛА СО НАДЕЖ ДА ЗАПРЕ ИСЕЛУВАЊЕТОВо Битола има над 18.000 пензионери што претставува четвртина од жителите во општината. (Фото: СДК.МК)

    Да запре иселувањето на младите е едно од најчестите очекувања на битолските гласачи од овие избори.

    „Ако се применат стандардите на Европската Унија секако дека ќе останат младите. Нема да ја бараат Европа надвор, туку ќе ја имаат дома. Најлошо е што се пишуваат Бугари и заминуваат со бугарски пасоши. Битола станува пензионерски град“, рече гласачот Стојче Ристевски.

    Во Битола има над 18.000 пензионери што претставува четвртина од жителите во општината.

    Битолчаните кои ги анкетиравме на избирачките места не кријат дека имаат барем по еден член од семејството заминат на работа во странство.

    „Единствената можност на младите за работа остануваат таскфорс компаниите. Ретко младите успеваат да најдат работа со образованието што го завршиле. Ќерка ми и зет ми со факултет државата ги ‘избрка’ не овозможувајќи им да најдат тука работа. Во странство се денес“, вели една битолсчанка која сакаше да остане анонимна.

    Стефан Ѓоргиевски од Мелбурн, Австралија, кој сега е дојден во посета на родното место па гласаше во Битола, рече дека годишно по 500 до 600 Македонци се преслуваат во Австралија.

    „Секоја година доаѓам по пет -шест месеци во Македонија и не сакам да го испуштам ова гласање со цел да придонесе мојот глас за подобро на државата. За да останат младите треба да се донесат инвестиции, да се отворат нови фабрики, нови бизниси. Имаме во Австралија барем најмалку 5.000 поголеми бизнисмени кои можат да вложат тука. Доста млади ја напуштаат Македонија и доаѓаат таму во потрага по подобра иднина, а тој квалитет го граба Австралија, секоја година по 500 до 600 Македонци со факултети се дел од дел“, рече Ѓоргиевски.

    По последниот попис Битола не само што не е втора општина по број на население во земјава, туку ако продолжи моменталниот тренд на иселување нема да остане ни на трето место. Градот има приближно ист број жители колку Тетово. Разликата е за 394 жители, толку повеќе има битолчани од тетовчани. Според резултатите од пописот, во Битола и околните села живеат 85.164 жители, а во Тетово 84.770, иако има три пати поголема површина. И на избирчакиот список има околу 5.000 гласачи помалку од 2021 година, што се должи и на иселувањето.

    Во седум часот беа отворени сите 170 избирачки места, право на глас за претседателските избори во вториот круг имаат 77.419 гласачи, а за парламентарните 77.578 избирачи. Излезноста до девет часот беше 5,6 отсто за претседсателските избори слично како и во првиот круг, а 5,8 проценти за парламентарните.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира