150 ДЕЛА ЗА 110 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ДИМЧЕ КОЦО ИЗЛОЖЕНИ ВО ЧИФТЕ АМАМ

    150 ДЕЛА ЗА 110 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕТО НА ДИМЧЕ КОЦО ИЗЛОЖЕНИ ВО ЧИФТЕ АМАМПоставката содржи дела од сите фази на творештвото на Коцо. (Фото: НГСМ)

    Речиси 150 таписерии, слики, скулптури и цртежи од сите фази на творештвото на Димче Коцо содржи изложбата која се отвора вечерва во 20 часот во Чифте амам. Изложбата во чест на 110 години од еден од најзначајните автори во историјата на модерното македонско сликарство, ликовен критичар и истражувач ја поставува Националната галерија на Северна Македонија (НГСМ).

    Станува збор за проект на трите кураторки: виш кустос Славица Алексоска, виш кустос Маја Неделкоска-Брзанова и виш кустос Маја Чанкуловска, а отворањето е дел од 42. Скопско лето. „Димче Коцо (1910 – 2020), јубилеј по повод 110 години од раѓањето“ беше планирана за лани, но е поместена за годинава поради ковид пандемијата.

    „Извонредно плодната професорска, музејска, научна и општествена активност на Димче Коцо е доволна за да исполни еден човечки живот, но не и во неговиот случај. Како човек со исклучително чувствителна природа и талентиран уметник, тој остави обемно творештво, таписерии, слики, цртежи, акварели и скулптури, низ кои со многу творечка креативност ги доловил своите уметнички визии. Во неговите дела, плод на зрел автор со богата имагинција, се изразени неговите размислувања за времето и неговото незапирно одминување, за материјата и нејзината минливост, за човекот и неговото опкружување, обичаите, верувањата, размислувањата“, велат кураторките.

    Коцо учествувал во основањето на Филозофскиот факултет и Институтот за историја на уметност, во градењето и образувањето на нови генерации историчари на уметност, во создавањето и раководењето со нови музеи, нови научни списанија, вршел обемни научни истражувања и автор е на голем број научни трудови.

    „Димче Коцо има огромно значење и одиграл важна улогата во развојот на научната мисла, но и во афирмацијата на ликовната уметност и во продорот на новите уметнички влијанија. Оваа јубилејна изложба има за цел токму да потсети на неговиот богат и тематско и стилски разновиден опус, разоткривајќи го повторно пред стручната јавност, но и пред пошироката публика неговото обемно ликовно творештво“, додаваат кураторките.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира