40 ГОДИНИ ОД ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ СОБРАНИ ВО МОНОГРАФИЈА ВО ИЗДАНИЕ НА КИНОТЕКАТА

    40 ГОДИНИ ОД ФЕСТИВАЛОТ „БРАЌА МАНАКИ“ СОБРАНИ ВО МОНОГРАФИЈА ВО ИЗДАНИЕ НА КИНОТЕКАТАМонографијата го следи развојот на фестивалот, во неа има фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. (Фото: Кинотека)

    „40: ИФФК Браќа Манаки“ е насловена монографијата во издание на Кинотеката, во чест на 40 години од основањето на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола. Фестивалот „Браќа Манаки“ од манифестација Манакиеви средби прерасна во фестивал на југословенска камера, за по осамостојувањето на Македонија да добие меѓународен карактер, и денес е официјално познат како Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“. Монографијата го следи развојот на фестивалот, во неа има фотографии од фестивалските церемонии, настани, тркалезни маси, мастеркласови, како и прес-клипинзи од написи објавени во печатените медиуми. Содржините се двојазични – на македонски и на англиски јазик.

    „На картата на европските филмски фестивали има еден на југот од Македонија кој е поинаков од сите, попосебен и повпечатлив. Фестивал на камерата“, се зборовите со кои уредникот на Програмата за култура на националната телевизија на БиХ, БХТ1, Џевдет Тузлиќ, го започнува својот осврт во книгата.

    Покрај Тузлиќ, автори на објавените текстови се и Гена Теодосиевска, актуелна директорка на фестивалот, поранешниот директор и сегашен селектор Благоја Куновски-Доре, филмолозите Игор Старделов и Владимир Ангелов од Кинотеката, Душко Димитровски новинар и критичар од Сараево кој жиеее во Виена, хроничарот Стефан Хаџи Андоновски, но и Пол Рене Ростад, претседателот на Меѓународната федерација на кинематографери (ИМАГО), Миха Брун, филмски критичар и новинар од Љубљана и Најџел Волтерс, потпретседател на Британското здружение на кинематографери (БСЦ).

    Промоцијата на монографијата двапати беше откажувана поради пандемијата на ковид-19.

    „Веќе беше закажана промоцијата на монографијата за крајот на март, и авионските билети за странските гости и промотори набавени. Но, се случи тоа што се случи, се понадевавме дека можеби ќе добиеме уште подобра шанса, токму на фестивалот ‘Браќа Манаки’, но еве, и по повеќе од шест месеци заради мерките на предострожности и протоколите за заштита на јавното здравје, заклучуваме дека во моментов нема соодветни услови за одржување на сериозна промоција на изданието. Кога ќе се создадат поповолни и побезбедни услови ќе промовираме, ќе прославиме, ќе презентираме“, велат од Кинотеката.

    Книгата може да се купи во книжарницата на Кинотеката по цена од 500 денари.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира