91-ГОДИШНИОТ КУНДЕРА ЈА ДОНИРА СВОЈАТА ЛИЧНА АРХИВА НА БИБЛИОТЕКАТА ВО РОДНИОТ ГРАД БРНО

    91-ГОДИШНИОТ КУНДЕРА ЈА ДОНИРА СВОЈАТА ЛИЧНА АРХИВА НА БИБЛИОТЕКАТА ВО РОДНИОТ ГРАД БРНОПисателот Милан Кундера ја напушти комунистичка Чехословачка и во Франција живее од 1975. (Фото: АФП)

    Деведесет и едногодишниот писател Милан Кундера, автор на „Неподоносливата леснотија на постоењето“ и голем број други светски познати дела, ќе ја донира неговата приватна библиотека и архива на државна библиотека во чешкиот град Брно, каде е роден и каде го поминал детството.

    Библиотеката во Брно соопшти дека есенва целата колекција ќе биде транспортирана од станот на Кундера во Париз.

    Меѓу донираните дела има цели едиции од книгите на Кундера на чешки јазик и на 40 други јазици, текстови од и за него, рецензии и критики, исечоци од весници, потпишани фотографии и цртежи од авторот. Сето тоа ќе биде достапно за јавноста, во најголем дел во дигитална верзија.

    Чешките власти го поздравија потегот како „исклучителен културен настан“.

    Кундера ја напушти комунистичка Чехословачка и во Франција живее од 1975. Живее повлечено, патува инкогнито до неговата татковина и никогаш не дава интервјуа ни изјави за новинари.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари