АКТЕРИ ОД МНТ ВЕЖБААТ КАЧУВАЊЕ НА КАРПИ НА МАТКА СО АЛПИНИСТИ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ИВАНОВ“ НА БУЗАЛКОВСКА

    АКТЕРИ ОД МНТ ВЕЖБААТ КАЧУВАЊЕ НА КАРПИ НА МАТКА СО АЛПИНИСТИ ЗА ПРЕТСТАВАТА „ИВАНОВ“ НА БУЗАЛКОВСКАОвој начин на проба е врзан со концептот на претставата и со начинот на игра. - Ѓорѓи Јолевски и Драгана Костадиновска на тренинг. (Фото: Фејсбук на Ѓорѓи Јолевски)

    Актерската екипа од претставата „Иванов“ по А. Д. Чехов, во режија на Зоја Бузалковска, во продукција на Македонскиот народен театар (МНТ) периодов има тренинзи за качување на карпи на Матка со алпинисти.

    „Ваквите искуства не му се туѓи на театарот во светот, но најчесто се развиваат на сосема поинаков драмски материјал. Кај нас нешто вакво се работи за првпат“, ни рече Бузалковска.

    Пробите се комбинирани. Од една страна, започнале со работа на текстот, с од друга страна, имаат секојдневни тренинзи (кондициски вежби), кои ги води актерката Нина Деан, како подготовка на актерскиот тим за предизвикот кој ги чека во делот на болдерингот и на искачувањето карпа.

    „Болдеринг тренинзите и качувањето карпа ги правиме повремено, онолку колку што дозволува моменталната кондициска подготвеност на актерите и ангажманот околу сите други нивни активности. Наскоро, со преминувањето во простор, сето ова ќе мора да го прават на дневна основа. Искачувањето по карпите на Матка беше едно посебно искуство, кое се претвори во вистинско уживање“, додава режисерката.

    Дарија Ризова е дел од актерската екипа. (Фото: Фејсбук на Ѓорѓи Јолевски)

    Овој начин на проба, продолжува таа, е врзан со концептот на претставата и со начинот на игра. Сценографската зададеност во претставата, градењето на мизансценот, кореографските елементи и комплетниот сценски израз ќе бара од актерскиот состав искуство и стекнати вештини кои се комбинација од болдерингот и од качувањето карпа.

    Тренинзите ги води алпинистот Александар Зарапчиев со негов тим од соработници – алпинисти, сите членови на Македонската алпинистичка федерација. Режисерката вели дека тоа се страствени искачувачи на карпи, трпеливи авантуристи, кои наоѓаат задоволство во пренесувањето на знаењата, но и на духот на искачувањето, на луѓе кои досега немаат никакво искуство на тоа поле.

    Во претставата играат: Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.

    Режисерката Зоја Бузалковска. (Фото: Фејсбук на Ѓорѓи Јолевски)

    Во однос на тоа како актерите го прифатија предизвикот, Бузалковска вели: „Морам да признаам дека сум фасцинирана од ентузијазмот, посветеноста и, веќе може да се рече, страста со која актерите влегоа во оваа авантура. Во почетокот беше непознаница, еден голем прашалник каква врска може да има Чехов со болдерин гкачувањето карпа, но и загатка која голицка и која сака да биде решавана. Сега, кога замисленото станува опипливо, а и возможно, возбудата е голема и нескротлива, ми се чини. ‘Заразата’ со искачувањето по карпа е веќе видлива, мотор за понатамошни трагања, зашто како сите директно, на своја кожа, да ја почувствувавме потентноста во миксот на театарскиот јазик, алпинистичкиот дух и вештината на болдерингот“.

    Преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа, а адаптацијата е на Бузалковска.

    Сценографијата е на Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Давид Ангелевски.

    „Иванов“ по 39 години повторно се поставува на сцената на МНТ, каде што Чехов беше застапен и со драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вишновата градина“, „Малиот човек“ и „Вујко Вања“. Премиерата се планира за мај.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира