Холивудската ѕвезда Елен Берстин ќе добие Златен лав за животно дело на 83. Венециски филмски фестивал, соопштија организаторите.
Деведесет и тригодишната актерка доби Оскар за најдобра актерка за филмот „Алис повеќе не живее тука“ од 1974, а уште петпати беше номинирана за оваа престижна награда. Меѓу нејзините понови улоги е и улогата на мајката на првата дама во серијата „Куќа од карти“ .
„Не само што ќе отпатувам во еден од моите најомилени градови во светот, туку ќе се вратам дома носејќи Златен лав во моите раце! Награда за животно дело од Венецискиот филмски фестивал! Се чувствувам неизмерно почестена, пресреќна и исполнета со благодарност! Навистина“, изјави таа.
Уметничкиот директор на фестивалот, Алберто Барбера, рече дека Бесрин е актерка со ретка сила и искреност, додавајќи дека има играно во околу 150 филмови.
Во текот на својата кариера таа соработувала со бројни познати режисери, меѓу кои Ален Рене во „Провиденс“ , Пол Шрејдер во „Хардкор“ , Боб Рафелсон во „Кралот на Марвин Гарденс“ , Дарен Аронофски во „Реквием за еден сон“ и Кристофер Нолан во „Интерстелар“.
Организаторите соопштија дека Златниот лав ќе ѝ биде врачен на Берстин по повод прикажувањето на краткиот филм „Флеш импект“ на Меги Џиленхол, посветен на Мерилин Монро по повод стогодишнината од нејзиното раѓање.
Венецискиот филмски фестивал ќе се одржи од 2 до 12 септември. Златен лав за животно дело ќе добие и Џорџ Клуни.



