Актерот Иван Јерчиќ е нов директор на Битолскиот театар, а доаѓа на местото на Валентин Светозарев. Во Битолскиот театар вчера стигнало известување од Министерство за култура дека се назначува нов директор на институцијата. Јерчиќ во телефонски разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК потврди дека застанува на чело на институцијата.
Тој е од помладата група прогресивни актери, досега одиграл повеќе улоги и бројни театарски претстави. Битолчани го паметат и по неговиот активизам и учество во протестите за почист воздух во Битола, острите критики за локалната власт за замирањето на спортот во градот и за други услови од локалното живеење.
Досегашниот директор Валентин Светозарев е сценограф, а на чело на театарот беше седум години. Препознатлив белег на неговото директорување ќе остане „Шекспир фестивалот“, гостувањето на Битолскиот театар во „Глоуб“ во Лондон, соработката и взаемните гостувања со театри од Русија, „Лит мун“ компанијата од Санта Барбара, САД и други.
Светозарев беше еден од говорниците и активен учесник на собирите на „За заедничка Македонија“ во Битола во периодот што кулминираше со организираниот напад на Собранието на 27 април.
Институцијата во изминатиот период се фалеше со голем број реализирани претстави и публика. Но, најголемиот дел од претставите беа камерни и се играа најчесто на новата сцена, на сцената под ротација и на бина, каде немаше место ни за стотина гледачи. Поретко претставите се играа на главната сцена која има 418 седишта.
Нов директор е поставен и во битолската библиотека, каде досегашната Лили Бошевска е заменета со Јелена Петровска. Во Центарот за култура на челното место и понатаму останува Борче Димитровски, инаку претседател на Општинскиот комитат на ВМРО-ДПМНЕ во Битола. Тој денес одржа прес конференција на која најави богата програма за време на престојните „Илинденски денови“, манифестација која се одржува од 29 јули до 2 август.
Ж. ЗДРАВКОВСКА