Зборовите „Како да ти кажам“ и „Од Бога добро“ се дел од муралот во чест на актерот Мето Јовановски, кој е насликан на ѕидот на Кинотеката, а кој беше промовиран денеска. Јовановски, еден од доајените на македонското глумиште почина лани во ноември на 77 години.
Петар Волнаровски од Кинотеката рече дека муралот е дело на Евгенија Трајковска и Драган Илиќ, под спонзорство на „Ротари клуб“ од Скопје.
„Чест и одговорност е да стоиме под ликот на Мето Јовановски. Да бидеме искрени, среќа е што живеевме со Мето Јовановски, кој не беше само синоним за актерството и за филмот, туку и синоним за Македонија воопшто. Насликани се двете реченици карактеристични за него. Тој велеше: ‘Како да ти кажам’, а кога ќе го прашавме ‘Како си Мето’, одговараше со ‘Од Бога добро’“, рече Јани Бојаџи, уметнички директор на Фестивалот на медитерански и балкански филм „Преку езерото“, кој доделува награда во чест на Јовановски.
Јовановски во 1971 завршил Театарска академија во Софија, Бугарија и истата година се вработил во Драмскиот театар во Скопје. Неговата глумечка кариера започнала на сцената на Народниот театар во Штип, каде настапувал уште пред да се запише на студиите. Оттогаш, за многу кратко време, Јовановски се истакнува како еден од водечките драмски уметници во Македонија.
Играше во над 60 филмски и телевизиски дела. Неговите незаборавни улоги се во филмовите „Најдолгиот пат“, „Македонскиот дел од пеколот“, „Црвениот коњ“, „Пред дождот“, „Тетовирање“, „Време води“, „Пресуда“, „Оловната бригада“.
За своите театарски, филмски и телевизиски актерски остварувања ги има добиено највисоките државни награди „Свети Климент Охридски“, „11 Октомври“ и „13 Ноември“.
Б. НЕСТОРОСКА